Повеќе од една година некои локали и ресторани во Словенија нудат можност гостинот да остави бакшиш при плаќањето на сметката со банкарска картичка, но многумина се уште не се навикнале на оваа иновација. При плаќањето на сметката, гостите мора да изберат една од опциите на екранот за да одредат колку сакаат да дадат бакшиш (5, 10, 15 или 20 проценти), но можат и да изберат да не остават бакшиш. Многумина се убедени дека бакшишот отсекогаш се сметал за награда или пофалба, но сега станува нешто задолжително и келнерот ќе ви „фрли непријатен поглед“, ако не му дадете евро или две. Граѓаните се прашуваат дали се движиме кон систем каков што го знаат во Соединетите Држави, каде што околу 20 отсто бакшиш е веќе задолжителен, пишува Н1 Словенија.
„Всушност, тоа е принуда. Мислам, кога ја плаќаш сметката на друго место, никаде не те прашуваат, што со бакшишот“, реагираат Словенците. Винко Рушник, сопственик на гостилницата и пицеријата „Јурман“ во Љубљана, вели дека навистина му пречи што го тераат гостинот да остави бакшиш. Терминалот ПОС кој ја овозможува оваа опција беше воведен во Јурман минатата недела бидејќи „работењето бизнис со него е значително полесно“.
Но Рушник додава дека самите ја блокирале опцијата за бакшиш. Патриција Фурлан, претседател на секторот за угостителство и туризам при Занаетчиската комора на Словенија (ОЗС), вели дека една година не е доволно време луѓето да прифатат да плаќаат бакшиш преку ПОС терминал. Кога на гостите им била воведена можноста за оставање бакшиш при плаќање на сметката со банкарска картичка, првично имало изненадување, но тоа веќе поминало, велат други угостители.