Популистичката влада во Рим има намера да обезбеди бесплатно обработливо земјиште во руралните области на Италија за семејства кои ќе се одлучат да имаат трето дете, пренесе „Еуроактив“.
На овој начин властите се надеваат дека ќе ја запрат растечката депопулација на руралните области, како и напуштањето на обработливите површини.
Сепак, од италијанската опозиција ваквата владина мерка ја оценија како средновековна, а нивниот став е дека истата претставува враќање назад и значи заживување на старомодната реторика за прераспределба на земјиштето.
Овој предлог на италијанската влада е вклучен во контроверзниот нацрт-закон за буџетот, за кој сè уште се дискутира во италијанскиот парламент и, како што е наведено, наменета е за поттикнување на социо-економскиот развој на руралните средини, а истовремено и за поддршка на многудетните семејства.
Според владини извори, оваа мерка била предложена од страна на министерот за земјоделство, Џан Марко Сентинаио, а е поддржана од страна на министерката за регионални прашања, Ерика Стефани, и министерот за семејни прашања, Лоренцо Фонтана, поранешен европски пратеник познат по идеите за традиционално семејство.