Финансии 08.11.2023 10:12

Со една одлука се зголемија, а со седум законски интервенции ќе се намалуваат функционерските плати

Со една одлука се зголемија, а со седум законски интервенции ќе се намалуваат функционерските плати

Платите на функционерите се зголемија за 78 насто само со еден потег – со одлуката на Уставниот суд. За да се постигне спротивниот ефект, да се намалат, треба да се направат седум законски интервенции. Од минатата недела, на оваа проблематика е фокусирана работна група, информира вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој укажа дека произлегло – со еден закон не може да се опфатат сите избрани и именувани лица. Измената во еден значи косење со одредени права од друг закон, а тоа е противуставно.

„Всушност, се испостави дека не може со еден закон да се адресираат сите 1.260 функционери и дека се потребни седум измени во законите зашто, на пример, измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон, што е противуставно. Работната група тоа веќе го гледа, од минатата недела“, посочи вицепремиерот.

Како што наведе, во Буџетот за идната година, кој веќе се креира и е во завршна фаза, ќе нема средства за повисоки плати на функционерите.

„Се работи на оваа проблематика. Сакаме системско решение кое во суштина ќе значи нарушување на досегашната методологија за дефинирање на плати. Работната гупа која работи на проблематиката набргу ќе има предлог на владата за да ја испроцесираме целата постапка во Собранието. Во новиот Буџет нема да има пари за најавеното големо зголемување на платите на функционерите поради сегашната методологија. Тоа што беше најавено помпезно, дека ќе има зголемување, нема да го има во новиот Буџет. Беше најавено дека поради методологијата, следната година сите функционери ќе добијат повисоки плати, но тоа нема да се случи. Ќе има намалување и на парите и во другите ставки каде што има непродуктивни трошоци“, дециден е Битиќи, кој упатува дека „буџетскиот дефицит конечно ќе го доведеме до тоа што го имаме проектирано со среднорочниот план, а капиталните инвестиции ќе останат многу повисоки од планираниот буџетскиот дефицит“.

Вицепремиерот истакна дека во 2025 година ќе има целосно нова методологија за плати според која, примањата во јавниот сектор ќе се пресметуваат со истата методлогија која важи за избраните и именуваните лица.

Од март, по одлуката на Уставниот суд, која целосно се испочитува, во земјава не мина ден без протести. Сите со исто мото – кога има за нив, ќе има и за нас.