Секој човек без оглед на возраста може да се соочи со болест, но колку и да е тешко таа да се прифати, па и малигна да е, најважно е соочувањето и борбата со неа. За жал во изминативе неколку години бројот на заболените од рак е во пораст. Причините за неговата појава се многубројни, а тоа што секој мора да го знае е, дека и покрај безизлезната состојба во која запаѓа болниот, има надеж, а таа се наоѓа во него.
Психологот Афродита Давчевска, која од 2013 година е ангажирана во Здружението „Борка – за секој нов ден“, за МИА изјави дека во просек дневно над 10 луѓе во состојба на страв по дијагностициран рак на дојка и прашувајќи што да прават, бараат совет од неа на СОС линијата 075 228 899, на фиксниот телефон на Здружението, на нејзиниот приватен телефон или пак доаѓаат во Здружението.
– После половина час разговор со пациентот кој е во расплакана состојба го прекинувам разговорот со цел тој да се смири, а потоа му се јавувам за да продолжиме со разговорот. Разговараме за се што ќе се случува понатаму. Дури и пред дијагностицирање на болеста ми се јавуваат и кажуваат дека не им е добро, напипале чвор, имаат оток на дојка, рака, а спомнуваат и случаи на заболен во семејството, сестра, мајка…Некои од жените просто се изненадени од моментот дека и нив тоа им се случува и не знаат што понатаму. Првиот шок поминува, дијагностицирање, операција…Прашуваат за алтернативно лекување, а јас им кажувам пробајте и алтернатива, па хемотерапија за да знаете од што е подобрувањето на вашата здравствена состојба, вели Давчевска.
Таа посочи дека на линијата се јавуваат и мажи и жени и бараат совет во смисла што да прават со исхраната, дали да кажат на своето дете дека треба да одат на операција, дали е исправно пред него да се појават без коса после хемотерапија, а некои пациенти не бараат совет, туку се јавуваат само за да ја искажат својата мака. Давчевска со часови поминува на СОС линијата, а се јавуваат, како што потенцира, и возрасни и млади кои прашуваат за совет за нивните родители.
Без оглед дали станува збор за рак на дојка и на други органи или за други болести, таа посочи дека заболениот човек треба да расчисти сам со себе, да ги избегнува негативните емоции, друштва, вибрации, не секогаш тоа е можно, но може да се апстрахира од тие работи.
– Некои од жените прашуваат како да ја избегнам ситуацијата кога сопругот ми е алкохоличар, ќерка ми е болна, зетот ја тепа, а јас одам на хемотерапија. Има случаи после хемотерапија жени да бидат тепани од сопругот…, потоа стресови на работа…Во целост не може да се избегнат некои ситуации, меѓутоа со тие јавувања на СОС линијата и разговори наоѓаме начини, пробуваме прво со игнорирање работи кои не се битни, а после тоа со разговори ако е можно, истакна Давчевска.
За оние кои изгубиле блиски, таа советува да не се живее во минатото и да се живее во сегашноста за да може да се тргне и да се успее во иднината.
– Минатото е минато. Загубата на блиски никој не може да ја избегне. Има разни издувни вентили како да се постапи. Емотивните плачат, не треба да се затвораат во себе, туку мора без повод и причина да прошетаат надвор. Излезете, немора нешто да купите, пробувајте, гледајте други лица, запознавајте други лица…Секој си има своја приказна. Апсолутно не треба затворање во себе. Кога ве мачи нешто разговарајте со пријателка, роднина кажете им што мислите, а спротивната страна ако сака да помогне ќе го ислуша сето тоа и ќе помогне. Прво и најосновно – не треба затворање во четири ѕида дома, советува Давчевска.
Имајќи предвид дека околината е прва на достап за разговор, но најтешко е да се разговара со себе, таа вели дека и автосугестијата многу влијае за подобрување на состојбата на пациентот.
– Имавме пример со една пациентка на која и починал сопругот. Пиела секое утро кафе со него, а сега останала сама. И викам свари една шолја кафе и за него и пијте заедно. Тоа не е ненормално, не е тоа забегување, едноставно се соживуваш, денес, утре, задутре и еден ден ќе си каже тоа се е имагинарно тоа не е вистина, па сама ќе си пијам кафе и така се ослободува од маката. Точно е дека автосугестијата и соочувањето сам со себе е најбитна работа. Станувањето изутрина не треба да почнува со мислите и зборовите „како ќе го поминам денот денес“, туку и да е врнежливо да си кажете „па што ако е врнежлив денот, ќе излезам, ќе прошетам, ќе видам, ќе направам план што ќе правам денес“, вели Давчевска.
Според неа, физичката активност е најголем лек за психичката болка значи ангажираност, а да не се седи дома и само да се гледа телевизија.
– Најдобро е да се направат десет чекори надвор, отколку сто чекори дома. Ракот е болест, како и сите болести. Точно дека е тешка, но може да се надмине со многу позитивна енергија и реално соочување со неа, точно да му се определи патот на ракот каде треба да излезе и каде треба да оди, додаде Давчевска.
Претседателот на Здружението „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева, пак, со став дека стресот е еден од докажаните причинители за многу болести не само за малигните заболувања, како и начинот на живот, исхраната, пушењето…Посочи дека од разговорите со секоја втора жена која се соочила со рак на дојка и дошла во „Борка“ дознале дека пред дијагностицирањето на болеста таа имала голем стрес во животот.
– Ракот на дојка не може да се превенира, меѓутоа може рано да се открие. Затоа жените еднаш месечно треба да прават редовни самопрегледи на дојките, за да можат веднаш да реагираат ако им се појави каква било промена. Тие треба да прават редовни прегледи и да се грижат за своето здравје. Во „Борка“ веќе десетта година имаме СОС телефонска линија за помош и психосоцијална поддршка на пациентите. Секојдневно имаме волонтери и психолог во Здружението, а два пати неделно имаме и група за самоподдршка со пациентите. Едната група работи со родителите на деца заболени од рак, а другата група работи во центарот на „Борка“ за заболените возрасни, истакна Додева.
Таа нагласи дека треба да има психолог во клиниките, каде заболените се соочуваат со една многу тешка дијагноза. Во врска со тоа имале средби во Министерството за здравство и во Клиниката за психијатрија и нивната намера е да се воведе разговор на пациентите со психолог секаде каде е потребно, особено во клиниките, болниците, на пример на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија каде жената останува без дојка, на Клиниката за онкологија каде пациентите ја добиваат првата хемотерапија, на Радиологија каде тие треба да го имаат првото зрачење.
– Ракот на дојка може успешно да се излекува ако се открие во ран стадиум. Има неколку ризик фактори за појава на болеста, а тоа се: наследен фактор, стрес, начин на исхрана кој може да го наруши хормоналниот статус, рана менструација, доцна бременост…Секој е потенцијален да заболи од рак. Информирањето и едукацијата за оваа болест, е од огромно значење. Имаме и предавања од нутриционисти, бидејќи здравата исхрана и здравиот начин на живот може многу да придонесе во подобрување на здравјето на луѓето. Од минатата година континурано е достапна една од терапиите за рак на дојка за прв, втор стадиум, рече Додева.
Таа нагласи дека прават напори сите оние нови иновативни лекови кои даваат можност да им се продолжи животот на пациентските со метастатски карцином, а ги набавува Клиниката за онкологија, да бидат ставени на позитивна листа на лекови, а во врска со тоа разговарале и во Министерството за здравство.
Се прават напори да се изнајде решение пациентите со малигни заболувања да имаат предност и да не чекаат долго за преглед, рече Додева и укажа на неопходноста од национален регистар за канцер на пациенти и имплементирање Национален стратегија за контрола на ракот во Република Македонија.
– Од институтот „Џон Хопкинс“ од Балтимор по завршување на истражувањето за тоа што всушност го предизвикува ракот, соопштија дека „за да добиеш рак треба да имаш лоша среќа“, бидејќи сите сме носители на такви гени, вируси, но сите не заболуваат од рак. Ракот е и болест на емоциите, психата, на духот, посочи Додева.
И додека заболените бараат начини полесно да се справат со болеста, а оние кои пишуваат за нив макотрпно се обидуваат да информираат за напорите за изнаоѓање решенија кои ќе значат помош и поддршка за нив, нема крај на порастот на бројот на случаи со малигни заболувања.
Според податоците на Здружението „Борка“, три до четири жени дневно заболуваат од карцином на дојка. Бројот на заболени двојно е зголемен во изминатите десет години и ако во 2008 година изнесувал 600-ни, сега изнесува 1.200.
„Има живот после ракот“, „Можеш да бидеш жртва или да победиш“, „Ракот можеби ја почна борбата, но јас сум сигурна дека ќе ја завршам“, „Храброста има боја“, „Избрав живот, а не страв“. Со овие видео пораки членови на Здружението „Борка“ укажуваат на нивната храброст во борбата со болеста.