Актуелно 03.11.2023 12:06

Солидарниот данок ја намали добивката на Макстил

Солидарниот данок ја намали добивката на Макстил

Компанијата „Макстил“, која е водечка во челичната индустрија во земјава соопшти дека исплатата на солидарниот данок значајно влијаела врз остварената добивка во првите девет месеци од годинава.

Во образложението кон постигнатите резултати на Макстил А.Д. Скопје за периодот јануари – септември 2023 година, доставено до Македонската берза се вели дека добивката пред оданочување во извештајниот период е 69 милиони денари (околу 1,1 милиони евра) и е значително пониска од остварената во истиот период од 2022, додека нето добивката изнесува 56 милиони денари (околу 910,5 илјади евра), значително пониска од остварената во истиот период во минатата година.

„Намалувањето на добивката во голема мера се должи на извршената задолжителна исплата на солидарниот данок во износ од 257 милиони денари (дури 4,17 милиони евра, заб), кој што беше пресметан во септември 2023 и кој не произлегува од оперативното работење на компанијата“, се вели во образложението на „Макстил“.

Дополнително, од компанијата велат дека намалувањето на добивката во текот на овој пресметковен период во однос на остварената во текот на истиот период од минатата година се должи и на пониските продажни цени на готовиот производ.

Во последниот квартал од годинава не се очекуваат позначајни промени во делот на продажните цени и трошоците за производство.

Инаку, како што се посочува во образложението, во првите девет месеци од работењето остварените расходи изнесуваа 5,88 милијарди денари, од кои трошоците за производство се носечка ставка и во структурата на вкупните расходи учествуваат со 93%. Споредено со истиот период во 2022 година остварените расходи од работењето (7,13 милијарди денари) се пониски за 18%, што воглавно се должи на намалувањето на трошоците на енергенсите и влезните материјали во текот на овој период.

Од „Макстил“ исто така посочуваат дека високата инфлација и каматните стапки имаат влијание врз глобалната побарувачка на челик. Од втората половина на 2022 година, како резултат на влијанието на економските фактори инвестициите во делот на челичната индустрија како и потрошувачката на челик бележеа намалување.

„Оваа ситуацијата продолжи и во 2023 година, особено влијаејќи на економиите на ЕУ и САД. Со оглед на задоцнетиот ефект од затегнувањето на монетарната политика, во 2024 се очекува бавно закрепнувањето на побарувачката на челик во напредните економии, додека во растечките економии се очекува растот да се одвива со побрзо темпо“, се вели во образложението на компанијата.

Од „Макстил“, нагласуваат дека како многу значаен регионален производител на топловалани дебели лимови постојано ги следат глобалните текови и во континуитет врши прилагодување на своите деловни функции и успева навремено да одговори на тековната побарувачка на челик.

Оствареното производство на дебели лимови во првите три квартали на 2023 во производниот погон Валавница изнесува 215.771 т. што споредено со 225.597 т. во истиот период на 2022 претставува намалување од 5%, додека во однос на поставениот производен план за првите девет месеци од годинава (220.102 т.) претставува намалување од 3%. Оствареното производство на челичанските слабови во извештајниот период е 209.938 т. што споредено со 187.921 т. во 2022 претставува зголемување од 11%, додека во однос на планираното производство за првите три квартали во годината (175.000 т.) претставува зголемување од 19%.

Реализацијата на топловаланите дебели лимови во количински показатели за деветте месеци од годинава изнесува 233.243 т., што споредено со 222.294 т. во истиот период од минатата година претставува зголемување од 4%.

Во овој период се остварени приходи од работење во износ од 6,33 милијарди денари, од кои приходите од продажби како носечка ставка во структурата на вкупните приходи учествуваат со дури 99%. Споредено со истиот период од 2022 остварените приходи од работењето (8,27 милијарди) се пониски за 24%.

Намалените приходи воглавно се должат на намалувањето на продажните цени на нашиот готов производ како и соодносот помеѓу директната продажба на Макстил и договорите за преработка.

Во текот на деветте месеци од 2023 реализирани се инвестициони активности за одржување во кондиционата спремност на инсталираната опрема и производните линии, како и за подобрување на безбедноста при работа во износ од 101,2 милиони денари.

За наредниот период се очекува благ пораст на побарувачката на челик, проследена со стабилност на цените на готовиот производ, одржување на постојното ниво на инфлацијата, намалување на кредитниот притисок од страна на банките како и закрепнување на потрошувачката.

„На нашиот најголем пазар Европската Унија и понатаму се очекува да продолжи да се чувствува влијанието на војната, додека на турскиот пазар се очекува зголемување на побарувачката за челични производи. Макстил и понатаму ќе продолжи со реализација на поставените цели, особено во сегментот на осовременување на опремата, за што склучи и договор за набавка на нова кружна странична ножица за сечење лим, која се очекува да внесе значајни промени во делот на унапредувањето на производниот процес. Подобрувањето на здравјето, безбедноста и благосостојбата на сите вработени е исто така сегмент на кој компанијата посветува значително внимание“, велат од „Макстил“.

Од таму додаваат дека во делот на ограничувачките фактори остануваат предизвиците од областа на транспортот и логистиката, а особено железничкиот транспорт каде се очекува влез на приватен оператор и каде неминовно ќе се наметне потребата за обезбедувањето на соодветна стручна работна сила. Секако тука останува и проблемот со легислативата во однос на третманот на старото железо, согласно која, заради нашата неусогласеност со европската регулатива старото железо сѐ уште се третира како отпад, а не како суровина.

Во однос на општествена одговорност, во образложението се наведува дека компанијата во континуитет е активна во делот на општествената одговорност, а грижата за животната средина, активната поддршка на концептот за циркуларна економија, подготовките за производството на зелен челик и трасирањето на цврстата определба за „нула отпад“ се неколкуте врвните компаниски приоритети.

„Макстил во чекор ја следи и новата регулатива за воспоставување на „Прекуграничен механизам за прилагодување на јаглеродни емисии“ (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), чија основна цел е спречување на протекување на јаглеродните емисии. Подготовките околу воведувањето на потребните методи и начини на мерење на јаглеродниот отпечаток се веќе во тек и очекуваме да бидат завршени до крајот на оваа година. Исто така, преку бројни проекти ја продолжуваме нашата соработка со локалната општина, сѐ со цел креирање на позитивен пример како кај најмладите жители, така и кај целокупното население на нашата општина, а остануваме посветени и на поддршката на ранливите категории на граѓани“,се вели во образложението на „Макстил“ за работењето во првите девет месеци од годинава.