Живот 16.11.2018 16:10

Сонце има во изобилие, ама не се користи за спас од загадувањето

Сонце има во изобилие, ама не се користи за спас од загадувањето

Во Македонија има соларно зрачење 30 отсто подобро отколку во Австрија, но искористеноста е 50 пати помала.

Субвенции за искористување на соларната енергија, едукација на соодветен кадар, како и подигнување на свеста на национално ниво, но и на секој поединец за можностите на овој извор на енергија, сугерираат експертите кои вчера присуствуваа на работилницата во организација на Македонската асоцијација за сончева енергија „Солар Македонија“.

Претседателот на асоцијацијата, професор Илија Насов, вели дека загадувањето во Македонија е поголем проблем од климатските промени и бара комплексни решенија, а едно од решенијата е употребата на сончевото зрачење, кое во Македонија го има во изобилие.

– Во Македонија соларното зрачење е 1.500 до 1.600 киловати на метар квадратен и е 30 отсто подобро отколку во Австрија, но 50 пати помалку е  искористувањето.  Кај нас има 0,002 сончеви топлински колектори по жител. Во Австрија има 30 отсто помалку сончево зрачење, но има 0,65 квадратни метри сончеви топлински колектори по жител. Кога ние би инсталирале само половина од капацитетите на Австрија, односно ако би имале 0,3 квадратни метри сончеви колектори по жител, тогаш би можеле да оствариме годишна заштеда од 55.200 тони мазут, а во секторот би имало 1.000 до 2.000 нови вработувања. Знаете што значи толку мазут да не се стави во погон? Тоа би била одлична вест за намалување на загадувањето – рече на презентацијата Насов.

Насов, исто така рече дека постои голем интерес кај приватните компании за инсталирање на фотоволтаични системи, но дека постои и законско ограничување за инсталираната моќност – 4 киловати за домаќинства и 20 киловати за фирми.

– Предлагачот има објаснување за инсталирана моќност од 4 и од 20 киловолти. Мрежата не е спремна наеднаш да се внесува на некој начин недефинирана количина електрична енергија, но нашиот став е тоа да биде повеќе – рече Насов.

Мирјана Македонска, директор на проектот преку кој УСАИД ја поддржува соларната енергија во Македонија, вели дека генерално во земјава малку се користат алтернативните извори на енергија, додека во ЕУ тие масовно се субвенционираат. Според неа, во Македонија има недостаток на обучен кадар, поради што ќе следат обуки.

– Ќе се обрне внимание на тоа невработени лица да се обучат и да се вклучат во овој процес, но ќе се работи и со студенти – рече Македонска.

Најнови вести