По повод верскиот празник Задушница денеска, утре и задутре, (2, 3 и 4 ноември) во периодот од 6 до 16 часот на гробиштата во Бутел, Камник (Ченто) и Ѓорче Петров каде што се очекува големо присуство на верници и зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони, извести МВР.
Сообраќајот ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатуваат по улица Александар Урдаревски во продолжение по локален пат за село Мирковци – влезот за гробиштата улица Боца Иванова и излегување на улица Александар Урдаревски.
По потреба сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробишта Ѓорче Петров по улица Црногорска, а на гробишта „Камник“ по улица Јужноморавски бригади и улица Роман Каскалиевиќ.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите од униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај“, велат од МВР.