Заинтересираните граѓани ги чекаат уште од јуни годинава, ама изгледа дека до крајот на овој месец или почетокот на следниот сигурно ќе ги дочекаат.
Станува збор за обврзниците за денационализација и тоа 22 емисија, кои се однесуваат на сите кои добиле правосилни решенија за обесштетување од почетокот до крајот на минатата година. Според најавите од Министерството за финансии, до крајот на месецов ќе биде објавен Проспектот за 22 емисија, што би значело дека најверојатно обврзниците ќе се издадат на почетокот на декември.
А, граѓаните кои имаат правосилни судски решенија во нивна корист за обесштетување по основ на денационализацијата, за Фактор велат дека уште од јуни ја чекаат таа емисија. Нагласуваат дека така им било ветено од државата.
„Од кога ги чекаме обврзниците. Имаме правосилно судско решение за обесштетување, и од Владата првично ни беше речено дека емисијата ќе биде во јуни годинава, но оттогаш поминаа веќе пет месеци, а емисијата уште ја нема, постојано се одложува. Тие пари ги очекуваме и многу ни значат“, вели за Фактор една граѓанка, која нагласува дека веднаш планира обврзницата да ја продаде преку Берзата со одреден попуст, и дека на тој начин планира да си дојде до своите парични средствам, кои ги очекува со години наназад.
Фактор го праша Министерството за финансии дали е точно дека доцни 22 обврзница за денационализација, зошто доцни и дали е причина што, како што се шпекулира, државата нема доволно средства за да ја исполни оваа своја обврска кон граѓаните, како и кога ќе се издаде 22 обврзница за денационализација.
Од Финансии ни одговорија дека Министерството до крајот на овој месец ќе го објави Проспектот за емитување на 22-та Обврзница за денационализaција, а износот ќе биде 4,5 милиони евра.
„Со оваа Обврзница ќе се обесштетат сите лица со правосилни решенија за денационализација во период од први јануари 2022 година до 31 декември 2022 година. Како и за досега објавените обврзници, средствата се исплаќаат на 10-годишни рати со годишна камата од 2 отсто. Обврзниците може да се тргуваат на Македонската берза АД Скопје. При тоа, напоменуваме дека имателите на обврзници за денационализација може предвреме да ги добијат средствата преку нивно тргување на Македонската берза АД Скопје“, објаснија за Фактор од ресорот со кој раководи министерот за финансии Фатмир Бесими.
Овие обврзници граѓаните можат или да чекаат да си ги добијат средствата во тие десет ануитети, односно секоја година по една десетина од сумата плус каматата, или да ги искористат за отплата на станови во општествена сопственост, доколку такви се уште воопшто постојат, или да ги продадат преку Берзата.
Инаку, државата досега има издадено 21 емисија на Обврзница за денационализација, а вкупниот износ на тие обврзници е 391,2 милиони евра. Тоа значи дека досега толку пари потрошила земјава за да ги обесштети сопствениците на некогаш неправедно одземените имоти.
Од Министерството за финансии уште и за Фактор нагласуваат дека согласно измените на Законот за издавање на обврзници на РС Македонија за денационализација, предвидено е емитување на 25 емисии за исплата по решенија за денационализација.
Последна емисија беше 21-та емисија, и таа беше издадена на сума од 6 милиони евра, на 26 мај 2022 година. Првиот ануитет, односно една десетина од сумата плус каматата, е веќе исплатена на 1 јуни 2023 година, а последната исплата треба да биде на први јуни 2032 година.
Конкретно, обврзниците од 21 емисија на Берзата се продавале по цена од 92,93 или 94 отсто од вредноста. Последното тргување било на 7 ноемнври годинава и продажната вредност била 92 проценти. Или на пример за обврзница од 100 илјади евра, граѓанинот успеал да си поврати 92 илјади, но не морало да чека 10 години, туку веднаш си го добил најголемиот дел од обесштетувањето.
Инаку, пак, како купувачи односно вложувачи во вакви државни хартии од вредност, кои важат за доста сигурни, се јавуваат главо институционални инвеститори, односно пензиски и инвестициски фондови.
Преку овие обврзници, државата се раздолжува кон сопствениците на присилно одземените имоти за време на социјализмот, после втората светска војна, под образложение дека се потребни за општокорисни цели.