Актуелно 21.02.2024 08:08

Соседи од Студеничани ќе ја водат Агенцијата за странски инвестиции

Соседи од Студеничани ќе ја водат Агенцијата за странски инвестиции

Двајца соседи од Студеничани како директор и заменик директор ќе раководат со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ. Новопоставениот директор Зулфи Адили е од истото населено место од истоимената општина крај Скопје како и неговиот заменик Сами Рушиди.

Адили до пред неколку дена беше кандидат за член на Државната изборна комисија предложен од Европската демократска партија на Арјанит Хоџа, но се повлече поради неговото именување за директор на Агенцијата за странски инвестиции. Рушиди од поодамна е заменик директор на оваа државна институција, а повремено беше и вршител на должност директор.

Директорската позиција во институцијата носител на брендираното име „Invest North Macedonia“ остана без директор откако Владата на 6 февруари соопшти дека е разрешен Газменд Абдија како поддржувач на Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците, кој реши да и се придруѓи на опозицијата во албанскиот блок.

Invest North Macedoni е официјална владина агенција за поддршка и привлекување на инвеститорите и за пронаоѓање на нови пазари, основана во 2005, и беше замислено да прерасне во кредибилна институција, но сепак како изминуваше времето, заостануваше на маргините, вон фокусот на главните економски двигатели.

Според испланираниот буџет за 2023, било предвидено оваа агенција минатата година да потроши 800.000 евра, од кои 500.000 евра биле наменети за плати на вработените. Бројот на вработени не е објавен.

Љупчо Николовски во 2022 како вицепремиер спомена дека Агенцијата за странски инвестиции како институција со слични надлежности треба да се интегрира во Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони. Тогаш тој рече дека планот е да се кратат и да се спојуваат многуте државни институции кои непотребно ги има, но до тоа никогаш не дојде. ()