Мозаик 10.07.2018 14:25

СП Русија 2018: Белгија или Франција?

СП Русија 2018: Белгија или Франција?

Фудбалерите на Белгија и Франција, вечерва на Крестовски стадионот во Санкт Петербург, ќе го одиграат првото полу-финале на Светското првенство. Според многумина, ова ќе биде пресметка на селекциите што најмногу покажаа во досегашниот тек од првенството.

За потсетување, двете репрезентации ги освоија првите места во своите групи. Франција беше пред Данска, Перу и Австралија, додека Белгијците беа пред Англија, Тунис и Панама.

Во нокаут фазата Франција мина преку јужноамериканските селекции Аргентина и Уругвај, а Белгија беше подобра од Јапонија и Бразил.

„Знаеме дека нашите навивачи имаат големи очекувања. Имаме единствена атмосфера во тимот, додека класата на фудбалерите и тренерскиот тим ни овозможуваат да се бориме за највисок пласман. Сакаме да победиме на секој натпревар, за титулата ќе разговараме доколку се пласираме во финалето. Мислам дека имаме се она што е потребно да го освоиме Светското првенство“, рекол еден од најдобрите играчи на Белгија, Кевин Де Брујне.

Од друга страна младиот лев бек на Франција, Лукас Хернандес, истакнал дека неговата репрезентација може да го сведе на минимум влијанието што Азар го има во играта на Белгија.

„Ако можевме да го оневозможиме Лео Меси, тогаш можеме да се справиме и со Азар. Меси е најдобриот светски играч, а против нас не ја допре топката. Имаме одлична генерација, амбициозни сме и не интересира само трофејот. Знаеме дека се е можно. Два натпревари останаа до крајот на турнирот и ќе се бориме како лавови“, рекол Хернандес.

Франција вечерва ќе се бори за пласман во своето трето финале на светските првенства. „Триколорите“ ја освоија титулата во 1998 година, а беа поразени во 2006 година. Исто така, Франција има и две трети места на светските првенства.

Од друга страна, најголемиот успех на Белгија е остварен во 1986 година кога генерацијата на Кулеманс го освои четвртото место. На минатото светско првенство Белгија играше во четврт-финалето.

Најголем резултат во историјата на белгискиот репрезентативен фудбал е финалето на Европското првенство во 1980 година.

Натпреварот во Санкт Петербург ќе започне во 20 часот. Утре во истиот термин, во Москва, во второто полу-финале ќе играат Англија и Хрватска.

Најнови вести