Просечната нето плата во Хрватска за јули 2018 година изнесувала 6.206 куни (околу 835 евра), што е за 2,9 отсто повеќе во однос на претходната година, според прелиминарните податоци објавени денеска од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Споредено со претходниот месец, просечната нето-плата во јули се намалила за 0,2 проценти, објави Хина.
Највисока просечна нето плата во јули добиле вработените во воздухопловниот превоз 11 241 куни (1.512 евра), додека најниска плата во износ од 4.007 куни (539 евра) е исплатена во категоријата други услужни дејности.
Според податоците на ДЗС, средната нето плата за јули изнесувала 5.504 куни (740 евра), што значи дека половина од вработените имале помала плата, а половина повисока од таа сума.
Просечната бруто плата за јули изнесувала 8.420 куни (околу 1.133 евра), што е за 0,1 проценти пониска од јуни. Споредено со јули 2017 година, просечната бруто плата е повисока за 3,6 отсто.