Предизборно владата реши да се поднови со 45 луксузни автомобили. И овие нови возила како и досега владата ќе ги набави под лизинг. Огласот е објавен на 26 февруари, а понудите треба да се отворат на 27 март годинава.
Според изборниот законик не е дозволено да се вршат јавни набавки по распишување на избори, а изборите се распишани на 14ти февруари. Од Владата не добивме одговор која беше причината што сега, предизборно решија да го менуваат возниот парк на високите функционери.
Инаку, во огласот на Службата за општи и заеднички работи стои дека 45те возила треба да бидат од категоријата – лимузини, да работат на дизел гориво и да имаат над 2 илјади метри кубни моторна зафатнина. Во задолжителната опрема возилата треба да содржат:
Светла за магла
Шест воздушни перничиња
Автоматски клима уред
Паркинг сензори за напред и назад
Резервно тркало
Електронска контрола на стабилност
Во спецификацијата се наведени уште редица на опрема која треба да ги поседуваат возилата во кои ќе се возат функционерите, меѓу кои и автоматски менувач на брзини, погон на сите четири тркала, да бидат црна боја и да бидат речиси пет метри долги.
Тоа што е симптоматично е дека претходната набавка на владата на функционерски возила се случи пред три години, односно огласот за 45 возила бил објавен на 28. 5. 2021 година. Тука се поставува прашањето, која е причината што на овој владин состов толку му се брза да набави нови возила, односно три месеци пред истекот на стариот лизинг.
Пред три години владата набави под лизинг возила шкоди за кои плати 1.5 милиони евра и тоа без ДДВ. Информациите велат дека месечно државата ја чини илјада евра лизингот кој го плаќа за едно возило. Тоа е 36 илјади евра за едно возило, а цената на тој автомобил не надминува 40 илјади евра. Експертот за мониторинг на јавните набвко во земјава Герман Филков за ТВ 24 вели дека ваков тип на лизинг не се прави на владини возила.
„Оперативниот лизинг е наменет за таксисти за дистрибутери. Значи за возило кое што е оптоварено 24 часа во три смени се вози со три возачи различни. Никако не е наменето за владини функционери кои беа 30 па станаа 45 и повторно без образложение зошто се зголеми бројот.“ – вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Интересен податок е и тоа што во договорот стои дека во текот на трите години за колку се земаат автомобилите под лизинг, треба да поминат најмногу 120 000 километри, за секој дополнително поминат километар ќе треба да се плати дополнително доколку таа километража биде надмината. ()