Банкарство 04.07.2024 10:23

Средба Народна банка − СЗПМ: Пензионерите може да отворат платежна сметка со основни функции кај банките којашто нуди повеќе придобивки

Средба Народна банка − СЗПМ: Пензионерите може да отворат платежна сметка со основни функции кај банките којашто нуди повеќе придобивки

Пензионерите може да отворат платежна сметка со основни функции кај банките којашто нуди повеќе придобивки, како што се ниски трошоци за одржување, со можност за користење релативно широк сет платежни услуги од банките, за надоместок којшто во моментов не може да надмине 38 денари, што е од големо значење за намалување на финансискиот товар на пензионерите. Ова беше нагласено при средбата на претставниците на Народната банка, предводени од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова и со останатите претставници на Сојузот.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја истакна важноста на поблиската соработка со здруженијата на пензионерите, заради заштита на нивните права како корисници на платежните услуги и нивно информирање за новините и погодностите коишто ги нуди новата законска рамка во оваа сфера.

Во рамките на посетата на СЗПМ, заменик-директорката на Дирекцијата за платни системи, Биљана Доновска-Гечева, одржа презентација пред претставниците на Сојузот, се осврна на карактеристиките на платежната сметка со основни функции. Таа нагласи дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за првпат во нашата земја се воведе платежна сметка за која законски е ограничена висината на надоместокот. „За услугите коишто се опфатени со платежната сметка со основни функции, банката може да пресмета и да наплати вкупен месечен надоместок до одредена разумна висина којашто не смее да биде повисока од 0,1% од просекот на последните 12 месечни просечни исплатени нето-плати во земјата, според Државниот завод за статистика (или во моментов 38 денари). Овој надоместок вклучува одржување на платежната сметка и дебитната картичка, онлајн користење интернет и мобилна апликација, неограничен број платежни трансакции за уплата или повлекување готовина непосредно на шалтерите во работните простории на банката или преку нејзината мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции во рамките на истата банка”, посочи Доновска-Гечева.

Имајќи го предвид сетот на платежните услуги коишто ги нуди и нискиот месечен надоместок, платежната сметка со основни функции е особено погодна за пензионерите или за учениците и студентите кои користат државна стипендија. За потрошувачите, пак, коишто ѝ припаѓаат на групата корисници на законски права, платежната сметка со основни функции е бесплатна. За отворање платежна сметка со основни функции кај банките се поднесува барање за отворање ваква сметка или за трансформирање на постојната.

Најнови вести

Во Кристалната сала на Владата на Република Северна Македонија денеска ќе се потпише договор за заем од 26,4 милиони евра помеѓу Европската банка за обнова и развој – ЕБОР и македонскиот оператор за електропреносен систем АД МЕПСО. Како што информираат од владината прес-служба, средствата од заемот се наменети за зајакнување на преносната мрежа на АД МЕПСО.