Актуелно 23.11.2023 14:03

Средба Николовски – Суџубаши: Халкбанка со донација на 1 милион садници во наредните пет години, дава поддршка во зголемување на шумскиот фонд

Средба Николовски – Суџубаши: Халкбанка со донација на 1 милион садници во наредните пет години, дава поддршка во зголемување на шумскиот фонд

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски оствари средба со генералниот директор на Халкбанка АД Скопје, Билал Суџубаши, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Халкбанка има убава иницијатива која предвидува заедно со министерството и ЈП Национални шуми реализирање на голема петгодишна донација во садници за пошумување, која како вкупна бројка треба да достигне до 1 милион садници.

Министерот Николовски, на средбата, изрази благодарност до Халкбанка за иницијативата со која сакаат да допринесат во развој на македонските шуми.

„Се повеќе општествено одговорни компании и здруженија на граѓани се приклучуваат кон акциите за пошумување организирани од министерството. Дополнително изминативе години, повеќе општествено одговорни компании, преку свои иницијативи за пошумување допринесуваат во збогатување на шумскиот фонд во државата. Токму во таа насока е и оваа убава иницијатива од страна на Халкбанка, за која лично јас и министерството даваме безрезервна поддршка во нејзина реализација”, истакна на средбата министерот Николовски.

Оваа година како министерство ја спроведуваме најголемата акција за пошумување АЈДЕ ДА ПОШУМУВАМЕ ЗАЕДНО, во која е предвидено засадување на 1.200.000 садници во 19 региони во државава на 36 различни локации, соопштуваат од МЗШВ. ()