На светските берзи цените на акциите пораснаа минатата седмица бидејќи инвеститорите очекуваат дополнително намалување на каматните стапки во западните земји, како и забрзување на растот на кинеската економија по новите стимулативни мерки.
На њујоршки Волстрит, Dow Jones минатата седмица зајакна 0,6 отсто, достигнувајќи рекордни 42.313 оени, а S&P 500 порасна за исто толку, достигнувајќи 5.738 поени. Индексот Nasdaq зајакна, пак, за 0,95 отсто, на 18.119 поени.
Најголемата светска берза со седмици е во добро расположение, а индексите се движат околу рекордно ниво, бидејќи американската централна банка неодамна започна циклус на намалување на каматните стапки, што треба да го поттикне економскиот раст. Инвеститорите веруваат дека Fed успеа да ја заузда инфлацијата без да предизвика рецесија.
Тезата за „меко приземјување“ на економијата беше поткрепена со сите најнови макроекономски податоци. Така, втората проценка покажа дека во првиот квартал бруто домашниот производ (БДП) пораснал за три отсто на годишна основа, речиси исто како што покажа првата проценка.
Бидејќи беа објавени и добри податоци од пазарот на трудот, стравувањата на инвеститорите од премногу нагло забавување на економскиот раст стивнаа.
Меѓу најголемите добитници минатата недела беше рударскиот сектор. Ова е благодарение на силниот пораст на цените насуровните, бидејќи инвеститорите се надеваат на поголема побарувачка и побрз раст на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на суровини.
Имено, кинеските власти воведоа нови монетарни и фискални стимулативни мерки, најголеми од пандемијата, со цел да го поддржат растот на економијата и да ја потиснат кризата на пазарот на недвижности. Така, властите ги намалија каматните стапки и стапките на издвојување на задолжителната резерва на банките за да го поттикнат кредитирањето, а со тоа и растот на потрошувачката и економијата. За таа цел најавија вбризгување големи средства во државните банки.
Благодарение на ова, цените на акциите на кинеските берзи минатата седмиа скокнаа меѓу 13 и 16 отсто, што е најголема седмична добивка за Шангајската берза од 2008 година и за Хонгконг од 1998 година.
И на европските берзи цените на акциите пораснаа минатата седмица, при што индексот STOXX 600 на најважните акции достигна рекордно ниво. Лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 1,1 отсто, на 8.320 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 4 отсто, на 19.473 поени, а париски CAC за 3,9 отсто, на 7.791 поени.
Освен стимулативни мерки во Кина, силниот раст на индексите е и благодарение на олеснувањето на инфлацијата во одредени членки на еврозоната, вклучително и Франција, што отвора простор за натамошно намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ECB) со цел да се стимулира економски раст.