Актуелно 20.06.2019 20:16

Стоилковски: Димитров ја донесе дипломатијата пред тотален колапс

Стоилковски: Димитров ја донесе дипломатијата пред тотален колапс

Министерството за надворешни работи под министерот Никола Димитров тоне во хаос и во самоволие, предизвикувајќи срам за државата во и вон нејзините граници. Македонија повторно остана без почеток на преговори, а одговорен за оваа срамна состојба е и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, човекот кој што се колнеше во Илинденска Македонија, ја претставуваше Република Македонија, а сега се гордее со Република Северна Македонија! Човекот кој што лани со премиер и со двајца вицепремиери се сликаше со палец нагоре лажејќи дека Македонија добила датум за почеток за преговори за членство во ЕУ, рече Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Само со Никола Димитров како дел од кланот на власт, Македонија испраќа 10 амбасадори за кои што ги сокри нивните биографии и тези за тоа како ќе ја претставуваат државата во Германија, Унгарија, Шпанија и други држави? Никола Димитров мора да одговори зошто биографиите и тезите со кои 10 дипломати од кариера заминаа во странство и веќе ја претставуваат Република Македонија пред меѓународната заедница останаа тајна? Никогаш до сега амбасадорските тези на собраниска комисија не биле целосно класифицирани како доверливи. Станува збор за тези на амбасадори кои заминаа во Германија, Унгарија, Шпанија, Украина, Шведска, Австрија, Обединетите Арапски Емирати, Словенија и во Босна и Херцеговина. Притоа беше изземен и претседателот на собраниската комисија Антонијо Милошоски, изјави Стоилковски.

Тој истакна дека Никола Димитров треба да објасни и дали и зошто при враќањето на Амбасадорите назад во Македонија ги уназадува со звањата, дури и на најниско ниво како началник на одделение, за сите освен на советникот на Стево Пендаровски, второто лице на Зоран Заев, Гоце Карајанов кому му е доделено највисоко административно звање?

-Оттука, Димитров мора да одговори дали со новата систематизација која почнува за десетина дена ќе се деградираат и преместуваат политички неистомисленици на министерот  Димитров? Македонија изостана од европската агенда за проширување и одговорност мора да има, а најголема одговорност има македонската дипломатијата под министерот Никола Димитров. Време е Димитров повторно да си ја испрати напишаната оставка која ја повлече лани, и да одговори за лажење на јавноста дека станувало збор за фалсификат, за што ниту имаше истрага ниту некој одговараше, додаде Стоилковски.