Актуелно 14.01.2019 16:19

Стоилковски: Македонија денес е завиена во црно бидејќи се чувствува продадена, погазена и уништена

Стоилковски: Македонија денес е завиена во црно бидејќи се чувствува продадена, погазена и уништена

Само владата за една намена, заглавена во криминогени делувања може да се радува на промена на Устав со цел промена на уставното име Република Македонија, македонскиот  идентитет, македонската историја, посебноста на својот народ, реагира Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Само влада која има сериозни хипотеки, може да посегне и да го згази достоинството на народот, на пратениците, на собранието, на судскиот и обвинителскиот систем, само и само да ја исполни својата единствена цел на своето постоење- промена на Уставот со цел промена на уставното име на Македонија.  И потоа да се фали со тоа! Само Зоран Заев и неговите однародени ликови во власта може да се гордеат со лагите и со бруталноста и со теророт врз волјата на народот, врз јасно изразената волја на граѓаните на референдумот од 8 септември 1991 година и потврден на 30 септември 2018 година. Македонија денес е завиена во црно бидејќи се чувствува продадена, погазена и уништена. Останува запишано дека 81 човек во Парламентот го променија името и идентитетот, а не народот, не граѓаните на оваа држава! ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството на македонскиот народ и мнозинството на граѓаните на Македонија не го подржаа овој договор. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што е во негова моќ да се исправи неправдата во иднина, рече Стоилковски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека од власта ништо не направија освен предавство и кариеризам.

– Зоран Заев и оваа влада октроирана за едно прашање, ја заврши целта на постоењето со национална катастрофа, преку промена на име, идентитет, јазик, историја, култура, образование, промена на се што е македонско. И оваа влада тука завршува. Залудни се ветувањата, тие не го покриваат срамот со промена на името и идентитетот. Лажната еуфорија ниту донела ниту ќе донесе подобро утре. Ниту можат, ниту знаат, ниту пак сакаат. Подобро утре бара работа, бара волја, бара почит, бара реформи. Подобро утре нема со згазен правосуден систем, со згазен парламент, со криминогена и коруптивна влада. Македонија е фрлена на колена, народот е излажан и обесчестен. Економија на нула, уништеното здравство, неквалитетното образование, земјоделието скапува на нивите. Во две години власт, освен продажба на националните и државни интереси, сведочевме за криминогени тендери, партиска полиција, мафијашки престрелки на улици, нерасветлени убиства, уништено здравство, колапс во земјоделството. Не можат, не умеат, не сакаат и секој ден со нив ќе биде полошо. Заев и вие од осрамениот СДСМ – не  бегајте од одговорност. Немојте да се криете зад партиските одлуки. Излезете на избори! Тоа се избори каде што ќе победи народот, каде што ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, за да победи достоинствена и горда Република Македонија.  Да живее достоинствена и горда Република Македонија, порача Стоилковски.