Грижата за здравјето на спортистите и спортските рекреативци е клучна за создавањето здрави и успешни генерации кои се занимаваат со спорт. Стопанска банка АД – Скопје е долгогодишен активен поддржувач на спортот и градењето здрави животни навики, па во согласност со оваа мисија Банката донираше ЕКГ и апарати за спирометрија, како и дополнителна функционална опрема, во насока на модернизација и зголемување на капацитетот за прегледи на Институтот за медицинска физиологија и антропологија при Медицинскиот факултет во Скопје.
Опремата веќе е предадена за употреба во Институтот со цел извршување поголем број прегледи на спортистите од регионоти е прва донација на медицински апарати во оваа институција досега. Зголемувањето на капацитетите на Институтот е особено значајно за помладите категории, односно за децата и младинците кои се занимаваат со спорт, кај кои редовните медицинско-спортски прегледи се неопходни за превенција и рано откривање на одредени заболувања кои се карактеристични за спортистите, а кои не можат да се откријат при општите лекарски прегледи.
– Грижата за детското здравје традиционално е сегмент во кој донираме, меѓутоа овој пат одиме во малку поинаков правец преку обезбедување превентивна грижа за младите и најмладите спортисти. Поттикнати од нивната посветеност и љубов кон спортот, сакаме да им помогнеме да имаат подостапна спортска медицина со најсовремени апарати. На овој начин, во исто време го поддржуваме и развојот на спортот што е исто така наш драг правец на делување. Му благодариме на Институтот за соработката и за можноста да помогнеме – рече по предавањето на донацијата Татјана Калајџиева, сениор-директор за продажба и мрежа на филијали во Стопанска банка АД – Скопје.
Од Институтот истакнаа дека донацијата на два апарати за регистрација на електрокардиограм (ЕКГ) и спирометрија претставува огромна поддршка и помош за работата на институцијата.
– На Институтот за физиологија во рамките на Медицинскиот факултет во Скопје функционира најстарата лабораторија за функционална дијагностика во нашата земја која се користи за целите на спортската медицина. Наша задача е да се грижиме за здравјето на нашите спортисти, професионалци, аматери, рекреативци и на сите оние кои сакаат да се занимаваат со спортски активности. За таа цел се прават предпартиципациони прегледи чија главна задача е да ја проверат функцијата на кардиоваскуларниот и респираторниот систем. Се надеваме дека со новата опрема ќе можеме да го зголемиме бројот на прегледите со ЕКГ и спирометрија за 25-30 отсто од досегашните предвидени термини за прегледи–рече проф. д-р. Јасмина Плунцевиќ Глигороска, раководител на Институтот за МЕП физиологија со антропологија при Медицинскиот факултет во Скопје.
Институтот со својата здравствена дејност и со најдобро опремениот кабинет примарно го опфаќа регионот Скопје, меѓутоа доаѓаат корисници од целата земја. Притоа, повеќе од 70 отсто од корисниците на услугите се помлади од 18 години. Покрај со здравствена дејност, на Институтот за физиологија постои обемна образовна дејност за сите насоки на факултетите од кампусот на здравствените науки, па донираните апарати дополнително ќе ги користат и поголем број студенти за да се запознаат со овие базични медицински испитувања.