Актуелно 07.07.2023 11:43

Стопанствениците бараат целосно повлекување на новите повисоки даноци

Стопанствениците бараат целосно повлекување на новите повисоки даноци

Ако сакаме предвидлива бизнис-клима мора да се носат клучни, издржани закони што би го подобриле работењето на компаниите, а не да се туркаат ад хок решенија, по скратена постапка. Тоа мора да престане. Не може да се менуваат правилата прекуноќ, ниту треба да се менуваат со секоја промена на власта. Неопходен е континуитет. Бизнисот бара систем, но смета и дека секое решение донесено од страна на државата треба да биде добро, не само за стопанството туку и за граѓаните.
Ова се главните поенти од прес-конференцијата во Стопанската комора, каде што зборуваа претседателот на комората, Бранко Азески, потпретседателот Зоран Јовановски и извршниот директор Антони Пешев.

Тие изразија задоволство дека Владата го испочитувала барањето на бизнис-секторот и ги повлекла законите за ДДВ, за добивка и за солидарен данок, но со тоа е задоволен само првиот дел од барањето на комората и затоа претседателот Бранко Азески апелира сосема да биде запрена натамошната процедура и во заеднички консултации со бизнис-заедницата да се дојде до најдоброто решение.
– Ние не можеме да штрајкуваме. Нудиме дијалог за кој веруваме дека Владата ќе има слух – одговори Азески на новинарското прашање што ако сепак законот биде донесен.

Според него, решението е во потпишувањето на декларацијата, во склучување договор меѓу државниот и приватниот сектор со кој би се регулирале меѓусебните односи. Азески уште еднаш укажа на потребата од потпишување на декларацијата што комората ја донесе минатата година и зад која стојат МАНУ, универзитетите во земјава, Организацијата на работодавачи, Делегацијата на германското стопанство и Занаетчиската комора. Тоа, нагласи, ќе значи национален консензус околу клучните прашања и гаранција за спроведување долгорочни економски политики, односно „враќање од партиската кон државната агенда“.

Ад хок носењето ваков данок, во втората половина на деловната година, создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, дециден е Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора.
– Законот е селективен и се однесува само на компаниите што остваруваат приход поголем од 615 милиони денари (10 милиони евра), се врши оданочување на добивката независно дали таа е резултат на пазарните услови или е резултат на зголемени инвестиции и продуктивност, а тоа ги дестимулира успешните компании – посочи Јовановски.

Извршниот директор Антони Пешев потенцираше дека бизнисот не слушнал никакво образложение дека некоја фирма ја нарушила монополската позиција на пазарот за да се оданочува „солидарно“.
– Најголемиот дел од компаниите што ќе бидат погодени од законот се странски и за нив тој е неразбирлив, непредвидлив и ненајавено ретроактивен. Тоа ви е исто како да играте натпревар и во првото полувреме владеат едни, а во другото полувреме сосема други правила – објасни Пешев. Според него, постои уште една дилема без одговор – ако законот има социјална димензија, каде е програмата според која ќе се распределуваат и трошат собраните пари?

Владата пресмета дека од овој данок ќе собере 90 милиони евра од околу 200 компании што оствариле вкупен приход од над 10 милиони евра и чиј профит е поголем од 20 отсто во однос на четиригодишниот просек.