Актуелно 24.12.2018 22:45

Стопанствениците и опозицијата едногласни дека квотите на ЕУ ќе удрат врз работниците и производството, за Анѓушев нема проблем!

Стопанствениците и опозицијата едногласни дека квотите на ЕУ ќе удрат врз работниците и производството, за Анѓушев нема проблем!

Квотите за извоз на челик и алуминиум што ги воведе Европската унија лошо ќе влијаат на македонските фабрики. Или фабриките ќе се затворат, а илјадници работници ќе бидат испратени на принуден одмор. Вака гледаат стопанствениците на квотите од ЕУ, но не и владините претставници за кои тоа и не е некоја голема промена.

Стопанствениците се категорични и укажуваат дека поради мерките клуч на врата веројатно ќе стават фабриките за производство на цевки, а мерките со кои во следните три години се ограничуваат количините на челик и железо од Македонија, во тешка состојба ќе го стават и Макстил.

-120 илјади тони ние ќе немаме каде да ги пласираме. Тоа е околу четиримесечно производство. Тоа значи дека толкав период ќе треба да стоиме. Кога месечно имаш милион евра фиксни трошоци невозможно е да не се одрази на вработените. Дали тоа ќе бидат принудни одмори или слично се одразува што е лошо, вели Митко Кочовски од Макстил во изјава за Телма.

Дека квотите ќе нанесат штета велат и од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив штетата која што ќе се случи следната година е во вредност од годишни плати на 29.000 работници во Република Македонија. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски на прес конференција предложи и мерки како да се надмине оваа ситуација. Тој ја повика Владата да преземе неколку мерки како: прво, да се формира кризен штаб со претставници на Владата и компаниите кои се најзасегнати и проблемот да се решава на највисоко ниво, второ, да воведат даночни олеснувања за овие компании, трето, да воведе олеснувања во делот на придонесите за здравствено, пензиско и персонален данок за работниците од овие индустрии како не би ги изгубиле своите работни места.

Освен ова упати и повик до премиерот Зоран Заев „лично да тргне од главен град до главен град на земјите членки на ЕУ да се среќава со сите што ќе го примат и да моли овие квоти да не важат за Македонија“.

Владата пак уверува дека квотите за ограничен извоз е процес кој не е завршен и дека сеуште има простор за да се избори за поповолна состојба. Наспроти очекувањата на стопанствениците новата ситуација да го намали учеството на преработувачката индустрија во БДП од 5,7 на 3 проценти мининстерот за финансии Драган Тевдовски е оптимист, вели, ограничениот извоз на челик нема да се одрази на економијата и на планираниот економски раст. На ист став е и вицепремиерот Кочо Ангушев. И според него компаниите ќе работат со ист капацитет како и до сега.

-Квотите што ги воведува Европската унија за увоз на челик се со цел да го заштити своето стопанство од нелојална конкуренција, односно се за сите надвор од ЕУ. За земјите кои се надвор од ЕУ правилото е следно – последните три години колкав бил просекот на нивното производство сето тоа зголемено за 5 проценти ќе биде квотата што ќе ја извезуваат во ЕУ следните три години. Значи не станува збор за намалување, туку за зголемување од 5 проценти. Доколку некој имал план тоа зголемување да биде поголемо во тој случај би било загуба, рече Анѓушев на гостувањето на телевизија Телма на емисијата Топ тема.

Според него тоа нема да ја погоди македонската економија, не е точно зошто македонската економја не може да има раст поголем од 5 проценти во тој сегмент.

На прашање на новинарите дали компаниите кои излегоа со проценка дека треба да отпуштаат вработени се во право, Анѓушев со одговор: „Значи тие компании ќе можат да извезуваат исто колку што извезувале, плус пет отсто“.