Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на РС Македонија (РКЕ) ја информира јавноста дека универзалниот снабдувач ЕВН Хоме соодветно го применил тарифниот систем при изготвување на одлука за нови цени, распоредувајќи ги трошоците по блокови на начин што цената на електрична енергија за 88% од домаќинствата кои се во прв и во втор блок, се зголемува за 0,4% од идниот месец.
„За 88% од домаќинствата кои се во прв и втор блок цената на електричната енергија има корекција од 0,4%. За оние потрошувачи кои се во третиот блок, а тоа се околу осум проценти од домаќинствата, цената се зголемува за 0.48%, и за четвртиот блок цената е зголемена за 0,57%. Клучно е сега универзалниот снабдувач да ја следи дадената регулаторна насока за оптимизирање на набавката на останатите 15% за количините на електрична енергија што ЕСМ не ги понуди за продажба, и сега треба да се набават на слободен пазар, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, кој оцени дека нема да се предизвикаат ценовни шокови со новата цена на струјата.
Според него, треба да се бараат креативни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните и да се размислува за откуп на струја од домашните капацитети од обновливите извори. Неопходно е да има конкуренција и да се искористи моментот кога цената на струја на берзите е поволна.
Новата цена на електрична енергија стапува во сила од 1 јули 2024 година.