Актуелно 01.02.2024 09:26

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Министерството за економија ја објави програмата за субвенционирање за енергетска ефикасност на домаќинствата која годинава е проширена и за неа се издвоени повеќе од четири милиони евра.

– Од утре ќе биде објавен јавен повик за доделување на ваучери од 25.000 денари по домаќинство за оние што живеат на територијата на пелагонискиот регион, односно општините Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци и Долнени како и за општините Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски брод, Охрид, Пласница, Струга и Центар Жупа. За Овие општини има одвоено 100 милиони денари – истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.

Во останатите региони во Македонија ќе се доделува ваучер од 23.000 денари за инвертери.

Ваучери за инвертери ќе се доделуваат и за ранливите категории граѓани и тоа од 27.000 денари за лицата со ниски примања за самец (вкупни приходи до 21.000 денари), домаќинство со два члена (вкупни приходи од 30.000 днари) и домаќинство со три члена (вкупни приходи од 35.000 денари).

Ваучер од 30.000 денари ќе се доделува на домаќинство со четири члена кое има вкупен приход од 40.000 денари и домаќинства со пет члена и повеќе чиј вкупен приход не надминува 45.000 денари.

Сите домаќинства ќе може да аплицираат ако во изминатите три календарски години не користеле субвенции за грејни уреди, немаат приклучок за градско централно греење, ако уредот е купен и вграден во 2024 година, а најдоцна до 30 ноември 2024 година и уредот да е инвертер клима. Граѓаните треба да аплицираат во министерството за економија.

Министерството предвидува дека ќе бидат поделени повеќе од 7.000 ваучери за инвертер клими. ()