Актуелно 07.02.2019 21:53

СЗО: Во 2018 година во Европа од сипаници починаа 72 лица

СЗО: Во 2018 година во Европа од сипаници починаа 72 лица

Од сипаници во текот на 2018-та во Европа починаа 72 лица, што е двојно повеќе во споредба со претходната година, соопшти денеска Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.

Во соопштението се посочува дека лани во европските земји биле регистрирани вкупно 82.596 случаи на лица заболени од сипаници, што, според СЗО, се должи на „нискиот степен на вакцинација на некои маргинализирани групи“.

Според податоците од 47 европски држави, како што јави ДПА, најголем број смртни случаи од сипаници имало во Украина, вкупно 15, а по неа следува Србија со 14 починати од оваа заразна болест.

Украина е на „лидерската“ позиција и кога станува збор за бројот на заболени од сипаници со регистирани 53.218 случаи. По неа, следува Србија со 5.076 заболени, Изреал со 2.919, Франција со 2.913 и Италија со 2.517 болни од сипаници.

Сипаниците се заразна болест, што се шири со кашлање, кивање и близок или физички контакт со секрети од нос или грло на заболени лица. Според СЗО, најризични категории за заболување од сипаници се невакцинирани мали деца и бремени жени.