Илија Филипче, таткото на министерот за здравство Венко Филипче, пред две недели бил на интервенција во една приватна болница, односно му била извршена кардиолошка интервенција ставање стент, пренесува СДК.
На прашањето дали министерот за здравство верува во јавното здравство и зошто неговиот татко, кој и самиот претходно беше министер за здравство, избрал да се лекува во приватна болница, Филипче вели дека апсолутно верува во јавното здравство, но дека во случајот станува збор за правото на пациентот да си избере лекар во кој има доверба.
Апсолутно верувам во капацитетот на нашето јавно здравство, кое има врвни експерти во сите специјалности, така и во кардиологијата. Мојот татко беше на интервенција во приватна болница бидејќи и претходно таму се лекуваше. Таму е неговиот доктор, кој со години му ја следи состојбата, најдобро му ги познава крвните садови и претходно му има вградено три стента. Овде не станува збор за тоа дека не верувам во капацитетот на јавните здравствени установи и лекарите кои таму работат, туку станува збор за право на пациентот на избор на лекар, односно да се лекува кај оној во кој има доверба, вели Филипче.