Во фирмите може да се забележи раст на платите, но тоа не е поради тоа што се почитува Законот за минимална плата кој предвидува усогласување со нејзиниот раст, ниту пак се применуваат колективните договори, туку тоа се случува поради тоа што газдите остануваат без работници, па се приморани да дадат повеќе пари за испразнетите места, вели потпретседател на Советот на Сојузот на синдикати за приватен сектор, Иван Пешевски
И покрај тоа што инфлацијата се смирува, цените сепак растат. Во април, за кога има последни податоци, трошоците за живот биле 4 проценти повисоки од ланскиот април. Притоа, храната и безалкохолните пијалаци биле поскапи за 4,7 проценти, облеката и обувките за 3,2, транспортот за 2,3 проценти… Во меѓувреме, се зголеми минималната плата и таа од март е 22.567 денари, или 2.392 денари повеќе од претходно. Но, што се случи со другите плати: Дали тие го следат растот на минималната лата?
Потпретседател на Советот на Сојузот на синдикати за приватен сектор Иван Пешевски, во разговор за „Слободен печат“ вели дека во фирмите може да се забележи раст на платите, но тоа не е поради тоа што се почитува законот, или колективните договори, туку поради тоа што газдите остануваат без работници, па за одредени професии за кои нема работници на пазар, или за испразнетите работни места, нудат поголеми плати. Пешевски објаснува дека член 8 од Закон за минимална плата како што важи за јавниот сектор, така важи и за приватниот сектор. Во член 8 од Зконот за минимална плата пишува: „Постојните колективни договори ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот во влегувањето во сила на овој закон“. Роковите течат, но на терен корекциите не се вршат.
– Не е точно, како што обично се зборува во јавноста, дека овој член важи само за јавниот сектор. Како може законот за едни да важи, за други да не важи. Ова го тврдам одговорно, може да излеземе на терен со било кој трудов инспектор и да провериме – вели Пешевски.
За сите вработени во стопанството постои Општ колективен договор за ваботените во стопанството. Според него: „Основната плата се определува врз основа на барањата на работното место (стручна подготовка, стекнати вештини, сложеноста и одговорноста на работното место), а се утврдува така што коефициентот на сложеност на работното место на кое работникот работи според договорот за вработување се множи со пресметковната вредност за единица коефициент (досегашна најниската плата). Основната плата не може да биде пониска од минималната плата утврдена со закон“.
– Онаму каде што имаме грански колективни договори во приватен сектор, особено во градежништвото и во градежната индустрија платите растат поради немање кадар. Значи, природно си растеа платите и пред да се случи растот на минималната плата, едноставно пазарот ги диктира цените. Но, гледаме дека и во приватниот и во јавниот сектор не се множат коефициентите со минималецот. Еве што значи тоа во практика. На пример, имаме икс компанија во која основна плата за пресметка на коефициентите е 25.000 денари, бравар има коефициент од 1,7, се множи основата плата со тој коефициент и се добива неговата плата. Е сега, кога ќе растат другите плати, додека минималецот не надмине 25.000 денари, компанијата икс не ја коригира основната плата. Но, како што сега е состојбата на терен, останува без бравар, па понудува нов договор со плата од 40.000 денари. Ако се согласи, продолжуваат понатаму – објаснува Пешевски.
Пешевски објасни и за тоа што се случува со дел од фирмите во јавниот сектор, како што е Пошта, Водовод, Национални шуми, каде што ССМ постојано им дава поддршка на вработените.
– Таму нема коефициенти, туку има бодови и таму повеќе од 60 проценти од вработените имаат минимална плата и 10 години само се коригираат платите на оние со „минималците“. Конкретно, сега во Национални шуми хигиеничарката има минимална плата од 22.567 денари, а шумарскиот инженер 24.000 денари. Да не бидам погрешно разбран. Не треба хигиеничарката да зема помала плата, нека зема и 30.000 денари, ама меѓу неа и еден инженер мора да има поголема разлика во платите. Но, сега таму се случува да мора да има раст на минимална плата, а другите плати со години да останат исти – вели Пешевски.
о јавниот сектор состојбата се сведе на тоа кој како успеа да се избори. Постои голема шареноликост, во зависност од потпишаните грански колективни договори, или од тоа дали директорот на некое јавно претпријатие ќе го почитува Законот за минимална плата, или ќе одбие да го направи тоа. ССМ веднаш по објавување на минималната плата за оваа година порача дека сите 60.000 вработени во јавниот сектор треба да имаат повисока плата за околу 2.000 денари, во спротивно се прави кривично дело.
ССМ ја тужи „Кнауф Радика“
Во врска со непочитување на законите во приваниот сектор, Пешевски потенцира дека Синдикатот е на суд со една од економски најмоќните компании во државава „Кнауф Радика“.
– Со „Кнауф Радика“ од Дебар сме на суд за неисплата на надоместок за минат труд. Толку профитабилна компанија, со 28 милиони евра профит ланска година, да не им исплатува минат труд на вработените! Кога оваа мултинационална компанија ја заобиколува регулативата, што останува за другите ? – прашува Пешевски.