Ослободителна пресуда за гинекологот Казимир Копривњак донесе денеска Основниот суд во Тетово. Копривњак беше обвинет од Јавното обвинителство за тешки дела против здравјето на луѓето, а во врска со смртта на 33-годишната родилка Виолета Кировска во август 2015 година. Според судијата Садула Изаири, ослободителната пресуда во овој, како што рече при соопштувањето на пресудата, специфичен предмет била донесена по прегледот на сите вербални и писмени докази при што клучна улога имале трите вештачења спроведени од експерти од врвните здравствени установи во земјава.
Бранителот на гинекологот, адвокатот од Скопје Гоце Ристески, кратко рече дека ослободителната пресуда била очекувана од нивна страна.
– Ваквата пресуда беше единствена законита и правилна и произлегуваше од обемниот доказен материјал со коишто располагаше судот, рече Ристески.
На соопштувањето на пресудата немаше јавен обинител додека застапникот на оштетеното семејство на почината родилка адвокатот Милан Ивановски посочи дека не се задоволни од одлуката на судот.
– Ние се уште сметаме дека постојат доволно материјални докази што укажуваат на голема низа на пропусти при третирањето на починатата, но судот даде верба на вештањената иако и таму имаше констатации за пропусти во функционирање на ситемот но заклучоците беа дека нема вина кај обвинетиот. Во вештачењата околу постапката беа наведени ненавремено земање на крвни слики, пропусти во подготовката на операцијата, ненаврмено отпочнување на операцијата, а според нас тука сигурно има моменти што довеле до смрт на починатата. Сепак, ние не сме вешти лица, но сите кажуваат дека опреацијата била успешна но исходот е добро познат и го знаеме сите, рече Ивановски.
Тој најави дека ќе поднесат жалба на пресудата до Апелациониот суд во Гостивар, и дека ќе се консултираат со Јавното обвинителство.
За мајката на починатата Славица Михајловска, тие три години се соочуваат со лакрдија и циркус од страна на сите што учествувале во овој процес.
– Никој не може да не разубеди дека се ова не беше лага и еден голем циркус и ова е еден срам за човештвото и за здравството почнувајќи од сестрите па се до вештаците . Без разлика на пресудата ние сме повеќе од сигурни дека станува збор за убиство на мојата Виолета, рече Михајловска.
Виолета Кировска почина на 25 август 2015 година, една недела по породувањето во тетовската клиничка болница. Тогаш во Тетово освен зафатот со царски рез што го извел гинекологот Казимир Копривњак поради обилното крварење врз неа била извршена и операција за вадење на матката и повеќекратни трансфузии на крв и плазма, но и покрај се таа во хеморагичен шок утрото по породувањето биле пренесена на КАРИЛ во Скопје каде починала. И нејзиното новороденче по околу еден месец почина.
Извор: Алфа