Економија 16.05.2018 10:24

Топлификација информира кој го поднел предлогот за отворање на стечајна постапка

Топлификација информира кој го поднел предлогот за отворање на стечајна постапка

 

За информацијата објавена во медиумите дека над Топлификација АД Скопје е отворена претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка, од Топлификација АД Скопје информираат дека  предлогот за отворање на стечајна постапка на Топлификација АД Скопје е поднесен од страна на Друштвото Битар Холдингс Лимитед- Кипар, на кого Топлификација АД Скопје по основ на договор за заем му должи 1 милион евра.

„Овој заем Топлификација АД го има  земено  во текот на  2010 година за изградба на електраната ТЕ-ТО АД Скопје. Средствата од заемот се дадени како депозит во Комерцијална банка АД за гаранција на кредитот кој ТЕ-ТО АД Скопје го има земено од Комерцијална банка во износ од 7 милиони  евра за изградба на електраната;  Сопственик на ТЕ-ТО АД со 89,2 % е Друштвото Битар Холдингс  Лимитед –Кипар ; ТЕ-ТО АД на Топлификација АД по основ на договори за заем и должи околу 23 милиони евра само главен долг, од кои за 6,8 милиони евра Топлификација АД Скопје има започнато извршна постапка, во која побарувањето на Топлификација АД заедно со каматата согласно пресудата потврдена од Врховен суд на Р.Македонија,  изнесува 11,4 милиони евра.  Битар Холдингс Лимитед е доминантен сопственик на Друштвото ТЕ-ТО АД Скопје, што подразбира дека тој и должи на Топлификација АД износ од околу 28 милиони евра  главен долг  заедно со каматата  по првата правосилна и извршна пресуда ; Од погоре изнесеното јасно е дека предлагачот за отворање на стечај над Топлификација АД , Битар Холдингс Лимитед, преку својата компанија ТЕ-ТО АД Скопје,  е најголемиот должник  на Топлификација АД Скопје. Бидејќи друштвата меѓу себе имаат взаемни побарувања и обврски, јасно е дека овој долг /побарување може да се компензира меѓу самите  друштва“ – стои во соопштението.

Секоја друга постапка во овие услови би значело намерно нанесување на штета на  Топлификација АД Скопје од страна на  Битар Холдингс Лимитед, велат оттаму.