Иако претходно се жалеа на високите сметки за струја поради фрижидерите, сепак, голем дел од сопствениците на колонијали и на продавници ширум Скопје изнајдоа начин како на потрошувачите да им продаваат ладни пијалаци во текот на летото.
Не, тие не измислија „топла вода“, туку само почнаа да ја наплаќаат работата на фрижидерите во кои се ладат флашите со вода, сок, пиво…
Па така, ако цената на полалитарско пиво во стаклена амбалажа чини 50 денари, тогаш за истото тоа пиво ќе платите 3 денари повеќе ако сакате да го земете директно од фрижидер.
-Не дека ќе заработиме нешто плус, ама колку да не бидеме премногу во зијан. Топлите пијалаци ги чуваме во магацинчето веднаш зад касата и тие се продаваат по стандардната цена. Но, доколку сакате да пиете ладно пиво директно од фрижидер, тогаш услугата за ладење почнавме да ја наплаќаме 3 денари. Едно топло пиво чини 50 денари, а едно ладно пиво чини 53 денари. Не гледавме друго решение. Цената на струјата е превисока, а ние сме мало локално колонијалче кое месечно плаќа над 2.000 евра за електрична енергија. Фрижидерите многу влечат струја. Некои муштерии се лутат зошто им наплаќаме за ладење на пијалаците, ама ако се лутат тогаш нека пијат топло пиво – вели сопственик на продавница во скопско Волково.
Денар и претходно пишуваше за ваквиот проблем со кој се соочуваат скопјани поради тоа што сопствениците на колонијали сакаат да заштедат на електрична енергија.
Минатиот месец објавивме за 28-годишната трудница Симона која поминала неколку продавници во Влае за да си купи шише со вода, но во ниту една продавница не работеле фрижидерите.
За ваквиот феномен на штедење е информирана и Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) од каде што ги охрабруваат граѓаните да ги упатуваат своите поплаки до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која е задолжена за контрола на безбедноста на храната и пијалаците.
Оттаму објаснуваат дека трговците имаат законски обврски за чување на пијалаците во одредени услови и на соодветна температура. Како што појаснуваат, точно се знае која храна или пијалак на колку степени треба да се чува, а во спротивно, предвидени се казни.