Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, на прес-конференција рече дека предвидено е казната да трае пет дена за маркетите кои беа затворени во саботата поради тоа што не ги намалиле цените.
Трајковски рече дека од 50 контроли извршени во саботата, затворени биле пет трговски објекти кои припаѓале на компании сопственици на ланец маркети, а при тоа не ја почитувале владината мерка да ги намалат цените на 25 производи за 10 отсто во однос на ценовниците од 1 август.
„Сакам да им заблагодарам на граѓаните кои пријавуваат во инспекторатот, со што ни ја олеснуваат работатат во голема мера. Од 50 контроли, во саботата затворени се пет маркети. Петдневно затворање е доволно за овие компании“, порача Трајковски.
Министерот за економија Крешник Бектеши наведе дека во скопскиот регион затворени се маркети на „Веро“ и „Вива Фреш“ и дека јавно се се соопштуваат нивните имиња затоа што голем број трговски компании се рекламираат во медиумите.