Економија 06.07.2018 11:19

Трамп нуди трампа: укинување на царини за автомобилите во ЕУ и во САД

Трамп нуди трампа: укинување на царини за автомобилите во ЕУ и во САД

Американскиот амбасадор во Германија на состанок со шефовите на автомобилската индустрија порачал дека претседателот Трамп ќе ги суспендира тарифите за автомобилите од ЕУ, доколку се укинат истите и за возилата од САД.

 

Според сознанијата на германските медиуми, амбасадорот Ричард Гренел им пренел на првите луѓе на Дајмлер, Фолксваген и БМВ дека претседателот на САД, Доналд Трамп им нуди трампа со која и двете страни ќе бидат ослободени од давачки.

Минатиот месец Трамп се закани дека ќе наметне давачки од 20 проценти на сите возила произведени во ЕУ, со што би можел да и нанесе сериозен удар на европската автомобилска индустрија која е присутна на американскиот пазар. европската автомобилска индустрија

Весникот „Ханделсблат“ ги цитира присутните на состанокот кој се одржал во просториите на американската амбасада во Берлин во средата. Сите три компании чии шефови биле присутни на состанокот одбија да ја коментираат неговата содржина.

Портпаролка на германското министерство за економија исто така одби да го коментира извештајот, со став  дека споровите со САД поврзани со трговијата се во надлежност на Европската комисија во Брисел.
И во Европската Комисија одбија да го коментираат случајот. Оттаму велат дека претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер на оваа тема ќе разговара со американскиот претседател Трамп во Вашингтон на крајот на месецов.

Во моментов, САД имаат увозни тарифи за автомобили од ЕУ во висина од 2,5 проценти и на камиони од 25 проценти. ЕУ, од друга страна, ги царини американските возила со 10 проценти.

Трамп веќе им воведе царини од 25 проценти на ЕУ, Канада и Мексико за увоз на челик и 10 проценти на алуминиум на почетокот на јуни годинава.

ЕУ се реваншираше со зголемување на царините на повеќе американски производи на 25 проценти, меѓу другото и за челик, алуминиумски производи, земјоделски производи, текстил и дури и мотори.

Протекционистичката политика на Трамп која е насочена и кон увозот од Кина, драматично ги зголеми стравувањата од трговска војна која би можела да ѝ наштети на светската економија.