Економија 13.06.2018 16:19

Трамп: Реалните промени се можни – ќе се избегне нуклеарна катастрофа

Трамп: Реалните промени се можни – ќе се избегне нуклеарна катастрофа

Историската средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Сингапур придонесе за избегнување на нуклеарна катастрофа, изјави претседателот на САД Доналд Трамп.

„Сакам да му се заблагодарам на претседателот (на Државниот совет на Северна Кореја) Ким што го направи првиот решителен чекор на патот кон светла нова иднина за својот народ. Нашата средба – прва меѓу американски претседател и лидер на Северна Кореја – докажува дека реалните промени се можни!“, напиша Трамп на Твитер.

„Светот значително се оддалечи од потенцијална нуклеарна катастрофа! Веќе нема никакви истрелување на ракети, нуклеарни истражувања или тестови! Заложниците се вратија дома, кај своите семејства. Му благодарам на Претседателот Ким, нашиот ден минат заедно беше историски!”, напиша Трамп во друг твит.

„Нема граница за тоа што Северна Кореја може да постигне кога ќе се откаже од нуклеарното оружје и ќе се вклучи во трговијата и интеракцијата со светот. Претседателот Ким има можност да влезе во историјата како лидер, кој го зацртал почетокот на прекрасна нова ера на безбедност и просперитет за своите граѓани “, додаде Трамп во друг твит.

Американскиот претседател во интервју за Фокс њуз рече дека САД нема да спроведуваат заеднички воени вежби со Јужна Кореја се додека Северна Кореја совесно преговара за денуклеаризацијата..

На прашањето за евентуалната посета на Ким Џонг-ун во САД Трамп изјави дека кога ќе биде вистинско време, севернокорејскиот лидер „апсолутно ќе дојде во Белата куќа”.

Во интрервју за Еј-Би-Си њуз, Трамп рече дека му верува на севернокорејскиот лидер.

– Да, му верувам.Можеби за една година ќе разговараме и јас ќе кажам дека сум погрешил. Тоа е можно. Соработуваме на високо ниво, многу нешта можат да се сменат и многу работи се можни. Тој мене ми верува и јас му верувам нему. Тој рече дека на ниту еден друг претседател ова не би му успеало, изјави американскиот претседател.

Тој уште додаде дека со Ким не разговарал за повлекување на американските сили од Јужна Кореја.

Најнови вести