Јапонија претпазливо ја поздрави веста дека американскиот претседател Доналд Трамп сака да се врати во Договорот за транспацифичко партнерство.
Министерот за трговија на Јапонија Тошимицу Мотеги, денес изјави дека „ако ова значи дека претседателот Трамп правилно го оценува значењето и ефектите на Транспацифичкиот договор, тогаш тоа е за почит“, рече тој.
Мотеги додаде дека Договорот е „деликатен како да е направен од стакло“, поради што е тешко да се преговара кој било дел од него.
Трамп им нареди на неговите врвни економски и трговски советници да размислат за враќање во Трговскиот пакт, од кој излезе минатата година, три дена по преземањето на власта.
Трамп честопати нагласува дека преферира билатерални трговски зделки, наместо мултинационални пактови, верувајќи дека САД не се вклопуваат во поголемите трговски договори.
Не е јасно зошто тој сега е отворен повторно да стане дел од Транспацифичкиот договор.
Тој, во текот на неговата претседателска кампања изјави дека „Транспацифичкото партнерство е уште една катастрофа предизвикана од специјални интереси, кои сакаат да ја силуваат нашата земја. Тоа е груб збор – силување на нашата земја“.
Трамп ги увери законодавците дека има намера да преговара за подобри трговски договори за американскиот земјоделец, во пресрет на заканувачките нови кинески тарифи и спорни преговори со Канада и Мексико.
Тој нагласува дека „Кина постојано го третира американскиот земјоделец многу лошо“, истакнувајќи дека Пекинг ја блокирал продажбата на говедско месо од САД, последниве 14 години.
Официјални претставници на администрацијата велат дека Кина и САД можат да преговараат за нивните разлики, за да избегнат трговска војна.
Трамп вчера рече дека „имаме големи разговори со Кина, и веруваме оти исходот ќе биде укинување на тарифите и намалување на бариерите“.
Портпаролот на Кинеското министерство за трговија рече дека САД не покажуваат искреност, и оти Кина нема да се двоуми во борбата против САД на трговско поле.