Ние како луѓе сакаме веднаш да направиме скок на пензиите од 6 илјади денари. Кога ќе ги земеме условите во државата, секогаш претходно се размислувало за нешто популистички во моментот. Како министерка важно ми е да градиме системски решенија, за да кој и да дојде на власт, ќе мора да го почитува системот кој многу повеќе помага на долг рок, изјави утрово министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Според неа, за година и половина, растот на пензиите е над 25%, двапати во годината. Како што вели, методолигијата дава резултат.
-Во моментов најниската пензија е 13.200 денари, но тоа се наши сограѓани кои работеле 15 години. 90% од луѓето што земаат 13 илјади денари пензија имаат 15 години стаж и износот на првото решение за остварување на правото на пензија им е 7,8 илјади, но затоа што сме одредиле најниска граница на пензија, државата ги субвенционира овие граѓани до предвидената сума. Колку придонесуваме во пензискиот систем, толку после како пензионери нас ни се враќа. Овие граѓани што придонеле 15 години за минимална плата, дале контрибуција околу 2500 евра за работниот век, кажа министерката во емисијата на „Слободен печат“.
Министерката истакна дека наскоро ќе има финансиска поддршка за најранливата категорија на пензионери, што ќе биде дел од антикризните мерки на Владата за најпогодените граѓани од економската криза. ()