Колкав и каков уддел имаат трговците врз растот на цените? Но, и колку новиот бран поскапувања во малопродажбата е под влијание на растот на цените во светот, а колку поради домашни „интервенции“. На оваа тема посебна анализираше Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“.
– Наглиот пораст на цените на прехранбените производи и енергентите во 2022 година претставуваше голем товар за граѓаните и фирмите. Во февруари 2023, Владата воведе мерка за замрзнување на цените на белиот и полубелиот леб, млечните производи, тестенините, овошјето и зеленчукот. Оваа мерка траеше до 30 јуни, заедно со продолжената мерка за ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи.
По врвот достигнат во март 2022 година, цените на храната на глобалната сцена, изразени преку ФАО индексот, забележаа пад од 0,8 проценти во април 2022, и тоа најмногу кај растителните масла и житарките, пад кој продолжи во остатокот од годината. Од друга страна, во домашната економија, цените за храната и пијалаците продолжија да растат до ноември 2022, со први знаци на стабилизација дури во декември 2022. Драстичното зголемување на цените на прехранбените производи и потребата од нивна (привремена) регулација, отвори дискусија околу тоа колку инфлацијата е резултат на трансмисија на меѓународните цени врз цените на домашните производи и услуги, а колку може да се должи на однесувањето на домашните производители и трговците со цел максимизација на профитите – пишуваат аналитичарите на „Фајненс тинк“ во нивниот последен бриф.
Од анализите кои ги изработиле, добиле потврда дека со раст на цените на светско ниво растат и цените на нашиот пазар. Но, исто така утврдиле дека со намалување на цените во светот, оваа тенденција не се пренесува во иста мера и во Македонија.
– Пресметки укажуваат на застапена трансмисија на глобалните цени на храната во македонската економија. Анализата на трансмисијата од месец во месец укажа дека кога глобалните цени растеа, тие се пренесуваа и од производителите и од трговците, но со многу позасилен интензитет од трговците. Кога глобалните цени опаѓаа, преносот врз македонските цени беше главно оневозможен и од производителите и од трговците, со тоа што повторно улогата на трговците во отпорот цените да се намалуваат беше значајно поголема – пишува во истражувањето.
Дополнуваат дека, импулсните одговори на шоковите во меѓународните и производствените цени на храната, процениле оти веднаш, а најдолго во рок од седум месеци, импулсниот одговор како резултат на шокови во ценовниот синџир е поголем кај цените на финалните производи (0.47 п.п.) отколку кај цените на производителите на храна (0.25 п.п.).
– Резултатите потврдуваат дека при трансмисијата на меѓународните цени на храна врз финалните цени во ваков поголем рок, поголема улога повторно играат трговците. Антикризните мерки што беа воведени во 2022 година помогнаа да се ублажат притисоците врз цените на храната, а преку директни трансфери се понуди и доходна поддршка. Линеарните мерки, како што се намалување на повластена стапка на ДДВ, замрзнување на цените и трговските маржи, како и ослободување од царински давачки, можат да влијаат врз намалување на ефектот на трансмисија на цените на храната. Според ММФ, потребно е да се овозможи соодветна сигнализација на потрошувачите и производителите, со оглед на тоа што ограничената трансмисија може да нанесе поголем притисок врз помалку развиените економии со ограничени фискални капацитети. Во таа насока, фискалната политика треба постепено да ја намали поддршката за линеарни мерки, и подобро да ги таргетира сите преостанати мерки со цел да дозволи домашните цени да ги одразуваат ценовните сигнали – се посочува во анализата.