Актуелно 09.02.2024 08:08

Трговскиот дефицит 2,82 милијарди евра, минимален раст на извозот во 2023

Трговскиот дефицит 2,82 милијарди евра, минимален раст на извозот во 2023

Трговски дефицит од 173.930.885 илјади денари или 2,82 милијарди евра е салдото од извозно-увозните активности реализирани минатата година. Од јануари – декември 2023 година покриеноста на увозот со извоз е 74,7 проценти.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – декември 2023 изнесува 512.368.615 илјади денари и бележи пораст од 0,2% во однос на истиот период од 2022 година. Вредноста на увезената стока е 686.299.500 илјади денари, што е за 8,1% помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.

Во текот на минатата година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, државата најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.

Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија изнесува 8.322.815 илјади евра и бележи пораст од 0,3% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, пак, е 11.148.538 илјади евра, што е помалку за 8,1%. Трговскиот дефицит изнесува 2.825.723 илјади евра.

Вкупната вредност на извозот на стоки изнесува 8.996.952 илјади САД долари и бележи пораст од 3,1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока е 12.053.456 илјади САД долари, што е за 5,5% помалку во однос на споредбениот период. Трговскиот дефицит е во износ од 3.056.504 илјади САД долари, наведено е во соопштението од Државниот завод за статистика. ()