Актуелно 05.03.2024 13:10

Трговците останале „недопрени“, само четири казни против скапотијата

Трговците останале „недопрени“, само четири казни против скапотијата

Само четири казни во текот на минатата година биле испишани од Државниот пазарен инспекторат постапувајќи по одлуката на Владата од 30 септември 2023 да се замрзнат цените на поголем број основни прехранбени производи во трговијата.

Во извештајот за второто полугодие на ДПИ пишува дека четирите казни за непочитување на ограничената профитна маржа и рабат изнесувале заедно 498.150 денари. До крајот на минатата година биле платени само две во висина од вкупно 196.000 денари.

По одлуката за „гарантирана цена“ од 1 октомври па до крајот на годината биле направени 114 надзори, од кои 103 биле вонредни, но главнината од нив била во реоните на Гостивар (44) и Струга (39).

Инаку пазарниот инспекторат во втората половина од 2023 изрекол глоби од вкупно 95 милиони денари (1,5 милиони евра) по разни законски основи, од кои поголемиот дел по Законот за финансова дисциплина, кој што директорот Горан Трајковски најмногу го споменуваше при контролите кои се правеа во маркетите а за тоа се брифираше јавноста во екот на најголемите поскапувања. Во извештајот стои дека во овој период биле затворени и преку 50 објекти, но не е наведено по кој основ и од која дејност.

Владата од 1 октомври ги замрзна цените на основните прехрамбени производи во трговијата на големо и мало, така што трговците на мало требаше да ги намалат за 10 отсто во однос на тие од август во тековната годината, како референтна цена, а сите намалени производи требаа да имаат ознака „гарантирана цена“. Трговците кои вршат трговија на големо имаа обврска да одобруваат рабат во висина од 5 отсто.

Одлуката важеше за белиот ориз, белиот леб, брашното, бисквитите, другите пекарски производи, тестенините, јунешкото и свинско месо, пилешкото, паштетите, млекото, јогуртот, павлаката, јајцата, овошјето, зеленчукот и други основни производи.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во 2023 година, во однос на 2022 година, бележи пораст од 9,4 отсто, а индексот на цените на мало е 7 отсто. Пораст на индексите е забележан во сите групи: индустриско-прехранбени производи за 12,5 отсто, пијалаци за 9,7 отсто, земјоделски производи за 8,5 отсто,

Владината одлука за замрзнати цени заврши на 1 март, а најавуваниот Законот за нефер трговски практики, кој ќе треба да ги штити потрошувачите со регулирање на односите во ланецот производители-дистрибутери-трговци, сеуште не е донесен. Во меѓувреме видливи поскапувања забележаа Организацијата на потрошувачи, претставници на Владата, па и самиот инспекторат и трговците. ()