На 14 февруари (среда) имателите на корпоративната обврзница ќе ја добијат годишната камата од ТТК банка, пресметана по стапка од 2,7 проценти. Се работи за обврзница од втората емисија со ИСИН MKTTKS200020 и шифра ТТКО2.
Од Банката информираат дека право на исплата имаат лицата кои се регистрирани во книгата на иматели на корпоративна обврзница-втора емисија на издавачот ТТК Банка АД Скопје во Централниот депозитар за хартии од вредност, заклучно со 13 февруари.
„Тргувањето со обврзниците во деновите 12 и 13 февруари 2024 година ќе се реализира со пресметана акумулирана камата за 364 и 365 денови соодветно, при што купувачот при порамнувањето на 14 и 15 февруари 2024 година ќе треба да го уплати износот на чистата цена + акумулираната камата на продавачот. При ова, купувачите ќе бидат регистрирани во книгата на иматели на корпоративната обврзница – втора емисија на обврзници во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје на 14 и 15 февруари 2024 година, соодветно, и нема да остварат право на исплата на годишната камата“, се вели во објавата на ТТК банка. ()