Рамнотежа, дисциплина и промена – тоа се основите на среднорочниот економски план на Турција, претставени денес од Министерот за финансии и државната каса Берат Албајрак, пренесени од „Hurriyet Daily News“. Новата турска економска програма го покрива периодот 2019-2022.
„Нашата главна мотивација е да напишеме нова приказна за успех. Затоа го нарековме планот „Нова економска програма““, истакна во својот говор Министерот, кој исто така е зет на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Албајрак истакна дека во мај 2013-та година Турција беше во најсилната економска ситуација по сите индикатори, но се борела со „внатрешни и надворешни предизвици“, почнувајќи од протестите за паркот „Гези“ во истата година и се достигна обид за државен удар во 2016-та година.
„Програмата што ја објавуваме денес има три столба за да напише нова приказна за успех: рамнотежа, дисциплина и промени“, рече тој.
Министерот истакна дека поставената цел за економски раст за 2019-та година ќе изнесува 2,3 проценти, во 2020-та година – 3,5 проценти, а во 2021-ва – 5 проценти.
„Вториот столб е финансиската дисциплина, а третиот ќе биде промена во економијата, за да ја канализира кон области со додадена вредност со цел зголемување на производствените капацитети и извозот на долг рок“, појасни Албајрак.
Целта на владата за инфлација во оваа година е 20,8 отсто. Следната година треба да биде 15,9 проценти, 9,8 проценти во 2020-та година и 6 проценти во 2021-ва година.
„Покрај борбата против инфлацијата, ние исто така ќе се фокусираме на владините финансии. Од денес, презедовме некои превентивни мерки за поефикасно користење на државните ресурси“, рече министерот. Според него, во следната 2019-та година, се очекува да заштедат 60 милијарди лири.
Друг фокус ќе биде намалувањето на дефицитот на тековната сметка, при што приоритет им се дава на секторите кои придонесуваат за оваа цел, рече Албајрак. „До 2021-ва година ќе создадеме два милиони нови работни места“, рече министерот.