Финансии 21.01.2019 21:55

Турција „стопи“200милиони долари од својот дефицит

Турција „стопи“200милиони долари од својот дефицит

Производството на злато во Турција се зголеми за 20% во 2018 година во споредба со претходната година, изјави заменик-министерот за енергија и природни ресурси Митхат Џансиз. Зголеменото производство придонесува за намалување на дефицитот на тековната сметка на земјата за околу 200 милиони долари, сподели заменик-министерот во својот профил на Твитер.

Турција објави вишок во тековната сметка во износ од 986 милиони долари во ноември, што е во контраст со минатогодишниот дефицит од 4,2 милијарди долари, според Централната банка на Турција. Ова е четврти последователен месец во кој платниот биланс на земјата е во плус.

Со исклучок на златото и енергијата, во ноември билансот на тековната сметка оствари суфицит од 4,5 милијарди долари, подобрувајќи се од дефицит од 898 милиони долари во истиот месец од 2017 година, пишува „Дејли Сабах“.

Производството на злато во Турција започна во 2001 година. Највисоко ниво на производство беше постигнато во 2013 година – 33,5 тони. Во 2017 година, тоа се намали на 22,5 тони, а во 2018 повторно се зголеми на 27,1 тони.

На крајот од минатата година, земјата формираше нова компанија за барање на подземни ресурси за работа во Централна Азија и Африка.

Со тековните проекти, турското производство се очекува да достигне 30 тони оваа година и 35 тони во 2020 година, според Џансиз. Со воведување на потребното законодавство и механизмите за поттик, Турција се обидува да достигне бројка од 50-60 тони злато до 2023 година, кога земјата ќе одбележи вековен јубилеј како република.