Монополска е и не е прифатлива понудата на откупувачите за договорите и цените за новото тутунопроизводство. Нудат исти цени и затоа бараме медијаторство од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бидејќи е во прашање иднината на оваа стратешка култура. Ова го порачаа тутунарите на трибина во Прилеп, организирана од „Националната земјоделска мрежа“.
– Откупувачите ги објавија цените за новите договори, кои се склучуваат од 1 до 31 март за новата реколта. Ги понудија истите цени како при неодамнешниот откуп од ланската реколта. За нас се неприфатливи и ако останат како што се, ќе дојдеме под производната цена. Ние сме доведени во ситуација откупните фирми да ни диктираат цени што се погубни за нас и, едноставно, нѐ водат во загуба. Ќе бараме едно медијаторство од Министерството за земјоделство, да најдеме едно заедничко прифатливо решение за да оствариме заедничка понатамошна соработка. Ако се однесуваат вака, уценувачки, нема да биде од интерес ниту за тутунарите ниту за фирмите – изјави Ѓорѓи Каракашев од „Националната земјоделска мрежа“.
Според трошоците, за тутунарите, реална е цената од 10 евра. Се очекува зголемен интерес за производство, но одбивањето на откупувачите да понудат повисоки цени ја става производната година под прашалник.
– Има зголемен интерес да се произведува тутун, главно во руралните средини, каде што немаат други извори на приходи. Мора да биде подобра цената за оваа гранка да има континуитет, но и мора како држава, а и ние како здруженија да вложиме посебен напор за да останат луѓето во тие места, зашто сме сведоци на големо иселување – рече Диме Димитриески, производител од Прилеп и член на „Националната земјоделска мрежа“.
Тутунарите најавија поднесување иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот за тутун во кој откупните фирми се монополски поставени, а тутунарите се во подредена положба.
– Може да се живее од тутунот, само треба да се прашува и земјоделецот, и така треба да биде, а не да бидеме зависни од фирмите – вели Живко Гонев, тутунар од Ињево, Струмичко, и член на асоцијацијата „Национална земјоделска мрежа“.
На 28 февруари и официјално заврши откупот на тутунот од ланската реколта, а родот беше преполовен. Беа откупени неполни 15 000 тони, по просечна цена од 353 денари за килограм. ()