Актуелно 04.12.2023 08:26

Тутунарите не прифаќаат пониска цена од 600 денари за килограм тутун

Тутунарите не прифаќаат пониска цена од 600 денари за килограм тутун

Ако тутунот не се плати по цена 600 денари за килограм нема да го предаваме. Сегашната понудена цена од 5 евра за килограм е комплетно неисплатлива и со неа ние сме само во загуба. Ова беше ставот кој беше договорен на трибината во Прилеп која ја организирааше Националната земјоделска мрежа и здружението „Тутунска надеж“. Бараат медијаторство од страна на Министертсвото за земјоделство и средба со откупувачите.

„Како тутунари ние сме ставени во една незавидна ситуација, поради тоа ние мора да си го кажеме нашиот став и ќе си го бранеме тој став до крај. Тутун за 5 евра повеќе нема да може да се произведува. Ако сакаат тутун да се произведува и во иднина во Македонија нашата цена е 10 евра за килограм. Доколку не се прифатат барањата ние не можеме да повикуваме на бојкот, но ќе сугерираме луѓето да се воздржат од предавање на тутунот барем до крајниот законски рок за тоа“; кажа Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Тутунарите велат дека доколку приватните откупувачи не сакаат да ја зголемат цената на тутунот, а државата сака да им помогне, тогаш како џокер во ракавот може да се искористи Тутунскиот комбинат од Прилеп, кој се уште е во државна сопственост и кој според тутунарите, доколку државата сака, можела преку него да ја диктира цената.

„Доколку нема слух кајј откупувачите за покревање на цените тогаш Владата да го задолжи Тутунскиот комбинат чиј сопственик е Владата да изврши на некој начин интервентен откуп и на тој начин да се принудат приватните откупувачи да ги подигнат откупните цени“, вели Васко Јосифовски, здружение „Тутунска надеж“.

Буквално нема година да не помине со проблеми околу откупот на тутунот, иако истиот е една од стратешките земјоделски култури во државава кој носи големи средства од неговиот извоз. Тутунарите велат дека ако годинава не се покачи цената тогаш тутунот нема ниту да се сади повеќе. Годинава родот не тежи повеќе од 13 милиони килограми и е двојно помалку од потребите на откупувачите кои според договорите бараат 26 милиони килограми.

()