Економија 17.08.2018 18:53

УЈП ќе ги контролира и приливите од надвор

УЈП ќе ги контролира и приливите од надвор

Јавна тајна е дека многу поединци, особено од компјутерскиот бизнис, работат за странски компании и за тоа се солидно плаќани, но тие пари никаде не беа оданочени. Поради тоа УЈП автоматски ќе ги бара податоците од банките за приливите што ги добиваат граѓаните од странство. Ова значи дека ќе постои програма со која сите приливи од странски фирми на име на граѓани што работат за странски компании, автоматски ќе стигнуваат во графата на УЈП за оданочување.

Ова е суштината на промените на Законот за банки, пишува „Слободен печат“, иако, како што деновиве објаснуваат надлежните, ќе се гледаат сите приливи на банкарски сметки. Всушност, за сите други приливи што подлежат на персонален данок, УЈП има податоци. Но, за приливите од странски фирми кон наши граѓани, неопходно е „шпионирање“ во банкарските сметки.

Во УЈП велат дека според направените процени со банкарите, на месечно ниво има околу 100.000 трансакции од странство направени од наши граѓани.

– Тоа не значи дека станува збор за 100.000 граѓани што добиле пари од странство. Можеби еден граѓанин има десетина трансакции – објаснува Весна Новаковиќ од УЈП.

Колку пари се правеле, пак, со овие 100.000 трансакции, од УЈП велат дека тој податок сега и не е важен, односно дека е важно да се прецизираат сите детали околу процесот што ќе овозможи Управата да ги пополнува годишните даночни пријави, место тоа да ги пополнуваат граѓаните.

– Граѓаните со години реагираа дека им е тешко да ги составуваат пријавите и дека има големи турканици пред шалтерите на УЈП во време кога се предаваа годишните даночни пријави за персонален данок. Еве сега тој процес е обратен. Место граѓаните да ни ги доставуваат податоците, ние за нив ги собираме и готовата даночна пријава ќе им ја доставиме на одобрување – вели Новаковиќ.