Банкарство 11.06.2026 09:15

Унапредувањето на институционалната соработка во фокусот на средбата меѓу гувернерот Славески и гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг

Унапредувањето на институционалната соработка во фокусот на средбата меѓу гувернерот Славески и гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг

Во рамките на меѓународниот симпозиум во организација на Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина, одржан во Шангај, гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, на покана на гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг, оствари билатерална средба со својот кинески колега.

За време на средбата беа разменети мислења за актуелните светски економски и финансиски текови, како и за предизвиците со кои се соочуваат централните банки во услови на засилена неизвесност во меѓународното окружување. Воедно, беа споделени искуства поврзани со спроведувањето на монетарната политика и зачувувањето на финансиската стабилност.

Во рамките на разговорите им беше посветено внимание на трговските и на финансиските односи меѓу двете земји, при што беа разгледани и можностите за нивно понатамошно унапредување преку продлабочување на институционалната соработка. Притоа, беше нагласена долгогодишната традиција на пријателски односи меѓу двете земји, како и подготвеноста на Народната банка за натамошно засилување на дијалогот и размената на искуства со Народната банка на Кина.

Исто така, соговорниците се осврнаа на можностите за соработка во областа на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, како и јакнењето на институционалните капацитети преку размена на знаења, експертиза и добри практики.

Славески и Гонгшенг се согласија дека постои потенцијал за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете централни банки.