„Нинтендо“ извојува уште една победа во борбата против пиратеријата во САД. Имено, Окружниот суд на Вашингтон минатата недела му наложи на Рајан Дејли да ѝ плати два милиони долари на јапонската компанија за видеоигри и да престане да продава „надградени“ џебни конзоли „Свич 2“ (Switch 2) преку интернет.
Компанијата, покрај тоа, јасно стави до знаење дека може и да блокира „гемче“ доколку играчите се обидат да го модифицираат уредот. Во тужбата за авторски права поднесена лани, „Нинтендо“ го обвини Дејли за управување со интернет-страница наречена „Модифициран хардвер“ (Modded Hardware), којашто продавала надградувани „гемчиња“, со тн. „модчипови“ и слична технологија што се користи за хакирање и пристап до пиратски примероци од игрите. Според „Нинтендо“ Дејли ѝ предизвикал „значителна и непоправлива штета“ на компанијата, а судијата се согласи. Дејли ги отфрли наводите дека го прекршил законот.
„МИГ-уредите, модчиповите, хакнатите конзоли и услугите за заобиколување на прописите ѝ овозможуваат на јавноста да создава, дистрибуира и користи пиратски ‘Нинтендо’ игри во голем обем“, се вели во пресудата.
Тужбите од „Нинтендо“ за пиратерија стануваат сè почести. Претходно годинава компанијата доби случај против страница за споделување датотеки којашто е виновна за собирање пиратски игри. Тие правни постапки доведоа до затворање на таквите непрописни услуги – вклучувајќи ги и „Јузу“ (Yuzu) и „Рјуџинкс“ (Ryujinx).
Дејли, кој одлучи да се бори против „Нинтендо“ без адвокат, сега има забрана за модифицирање на „Свич“ конзолите. Судијата, исто така, нареди заплена, одземање или уништување на сите уреди во посед на Дејли, коишто може да содржат материјал што ги нарушува авторските права.