Актуелно 18.11.2019 13:52

Увоз на автомобили – наскоро данок наместо царина

Увоз на автомобили – наскоро данок наместо царина

Предлог – законите за акцизите и за возилата кои се уште не се донесени предвидуваат во иднина наместо акциза за увоз на автомобили да се плаќа данок.

Можеби ова придонесе за благо раздвижување на пазарот. Во првото полугодие биле увезени 3.091 нов и 16.205 половни автомобили. Ова е за 61 односно за 2.850 повеќе во однос на истиот период лани.

Препродавачите на половни коли се задоволни. Велат дека бизнисот се подобрува. На плацовите кои во најголем дел се нудат увезени автомобили најбарани се оние од ниска и од средна класа.

„Најмногу се продаваат колите што чинат од 3 до 5 илјади евра. Тоа е и нормално, таков е и нашиот стандард“, вели сопственик на плац за автомобили во скопско Маџари.

Најголем број од автомобилите во Македонија доаѓаат од Италија и од Германија. Тамошните жители имаат навика да ги сменат после 5 до 7 години, кога и почнуваат да бараат поголема грижа и дополнителни вложувања. Токму тогаш завршуваат во помалку развиените земји како нашата.

„Најбарани се германските коли. Пред се Голф, но се продаваат и Ауди и Мерцедес иако тие се веќе повисока класа. Ние нудиме и Пежо и Ситроен, како и Фиат. Тие се поевтини но одат доста послабо“, вели сопственикот на плац.

Кај импортерите на нови автомобили нема толкаво раздвижување, продажбата е на речиси истото ниво како и лани, но тие се задоволни.

„Не е како пред десетина години но е далеку подобро. Пазарот е стабилен, побарувачката е задоволителна. Оние кои можат да си дозволат знаат дека новиот автомобил е вистинскиот избор. Гаранцијата и обезбедениот сервис значат мирна глава во првите три до пет години“ објаснуваат во еден од поголемите салони за нови автомобили.

Минатата година беа увезени 37.000 возила. Од нив 88% биле употребувани со просечна старост од над 10 години, при што од оваа категорија речиси 90% биле дизел возила.

Лани Царината започна со електронско утврдување на вредноста при увозот на половни автомобили. Новиот софтвер кој беше ставен во функција е поврзан со база на податоци, во него само се внесува бројот на шасијата и автоматски се прави пресметка колку треба да и се плати на државата за увоз на конкретното возило.

Предлог – законите за акцизите и за возилата кои се уште не се донесени предвидуваат во иднина наместо акциза за увоз на автомобили да се плаќа данок.

За да се стимулира замена на возниот парк во делот на бизнисот доставните возила кои се наменети за превоз на стоки ќе бидат изземени од плаќање на данок на моторни возила.

Патничките комби возила за превоз на 8 или 9 патници, амбулантните возила,  возилата за превоз на починати лица, кампер возилата и т.н “олд тајмер“ возила исто така ќе бидат изземени од обврската за плаќање данок или е предвиден поврат на дел од него.

Новите пресметки за давачките за автомобилите во голем дел ќе зависат од емисијата на штетни гасови, пред се на на јаглерод диоксид. Ова значи дека за постарите автомобили давачките ќе бидат поголеми.

Според последните достапни податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) на македонските патишта, заклучно со крајот на 2015-та година, имало вкупно 383.833 регистрирани автомобили. Најголем дел од нив, 261.470, се произведени пред 2002-та година односно се постари од 15 години!

 

Извор: Денар