Банкарство 09.10.2023 10:53

Величковски од Народната банка: Целта на новата алатка е да им олесниме на граѓаните при изборот на банката од која ќе ги користат платежните услуги и да поттикнеме конкуренција за намалување на надоместоците

Величковски од Народната банка: Целта на новата алатка е да им олесниме на граѓаните при изборот на банката од која ќе ги користат платежните услуги и да поттикнеме конкуренција за намалување на надоместоците

„Податоците коишто ги објавуваат банките и терминологијата којашто ја користат во тарифниците за услугите што ги наплатуваат, иако се детални и сеопфатни, сепак не се стандардизирани, ниту унифицирани и за граѓаните не се лесно споредливи. Оваа тешкотија за граѓаните се надмина со донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти на Народната банка, во кои се транспонирани соодветни одредби од регулативата во платежната сфера на Европската Унија. Во согласност со Законот, Народната банка сочини листа на 11 најрепрезентативни услуги, на кои ја воедначи терминологијата, по што создаде нова алатка преку која ги објави податоците за надоместоците коишто се наплатуваат за овие услуги, со можност граѓаните да ги споредуваат”, истакна Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи во Народната банка при интервју за Македонското радио.

Говорејќи за целта на алатката, тој истакна дека Народната банка со овозможената алатка за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги се стреми да го олесни пристапот на граѓаните кон податоците за надоместоците на банките, но и да ја поттикне конкуренцијата помеѓу давателите на платежните услуги. Притоа дополни: „Со олеснето пребарување и споредба, граѓаните ќе заштедат време и парични средства и полесно ќе ги донесат одлуките. Едновремено, алатката е платформа преку која очекуваме дека банките ќе си конкурираат за да ги привлечат граѓаните. Имено, споредувањето на надоместоците на банките, како и влезот на нови даватели на платежни услуги ќе придонесат за зголемување на конкуренцијата, што би довело до намалување на висината на надоместоците за платежните услуги.”

Величковски говореше за новините во Законот за платежни услуги и платни системи, при што ја појасни законската обврска на давателите на платежни услуги за подготовка и обезбедување информативен документ за надоместоците којшто содржи 11 најчесто користени услуги, а банките се должни да им го дадат на граѓаните секогаш кога ќе го побараат или при склучување на рамковниот договор за користење платежни услуги.

Во интервјуто, директорот Величковски ја појасни и можноста предвидена со новото законско решение, за отворање платежна сметка со основни функции, којашто е денарска и наменета само за граѓаните. Граѓаните кои ќе се определат за отворање платежна сметка со основни функции, ќе можат да имаат само една сметка во денари. Тој додаде и дека „со неа можат да се извршуваат и да се користат истите платежни услуги, но за разлика од другите платежни сметки, кај платежната сметка со основни функции со закон е ограничена висината на надоместоците. Во моментов, месечниот надоместок изнесува 34 денари, за кој граѓаните можат да користат услуги за извршување неограничен број платежни трансакции за повлекување или внесување готовина на шалтер или банкомати во мрежата на банката, за неограничен број трансакции со дебитни картички, како и минимум пет бесплатни трансакции со кредитен трансфер во системот на банката, односно пренос на парични средства кон компании и граѓани кои имаат сметки во истата банка. Банката на сопственикот на платежната сметка со основни функции не може да наплати дополнителни надоместоци за одржување на сметката, за годишна членарина за дебитна картичка, како и за одржување електронско банкарство или мобилна апликација.”

Народната банка засилено учествуваше во изготвувањето на Законот за платежни услуги и платни системи и донесе голем број подзаконски акти за негово спроведување. Алатката за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежни услуги е едно од позначајните новитети на Законот со кој се зајакнува нивната заштита како потрошувачи на платежните услуги. Истовремено, се овозможува зајакнување на конкуренцијата во банкарскиот сектор.