Денеска ми беше чест да се обратам на отворањето на подрачната единица на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село во Кавадарци, уште еден чекор напред во нашата заедничка мисија, објави Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.
-Згрижувањето не е само услуга тоа е животна шанса за дете што изгубило најмногу. Тоа е можност за нов почеток, исполнет со љубов, стабилност и иднина. Во моментов, 386 згрижувачки семејства згрижуваат 623 деца и возрасни лица во нашата држава. Но, потребата е сè уште голема, особено во региони како Вардарскиот. Затоа, како Министерство за социјална политика, демографија и млади, продолжуваме да инвестираме во јакнење на системот, поддршка за згрижувачите и професионализација на услугите, посочи во објавата.
Тој посочи дека да се биде згрижувач е храброст, љубов и верба во секое дете. Охрабрувам сите кои размислуваат да станат згрижувачи – направете го тој чекор. За вас можеби е мала одлука, но за едно дете тоа може да значи цел свет.
Голема благодарност до СОС Детско село и општина Кавадарци за партнерството и поддршката. Заедно градиме посигурна иднина за секое дете!, потенцира во објавата Велковски.