Големи технолошки компании, како Алфабет, Амазон, САП, Грамарли, Докусајн, Снеп и Дуолинго, најавуваат отпуштања поради генеративната вештачка интелигенција. Генеративната вештачка интелигенција може да создава (генерира) содржина во форма на текст, слики и видеа.
Пред само неколку месеци, подобрувањата на вештачката интелигенција беа претставени како комплементарни алатки кои ќе ги елиминираат здодевните и повторливи задачи, но сепак им треба надгледувач. Генеративната вештачка интелигенција сега може да создава содржина и да резимира сложени идеи, па ги загрозува и висококвалификуваните работни места.
Неодамнешно глобално истражување на повеќе од 4.700 извршни директори од 105 земји покажува дека 46% од извршните директори очекуваат вештачката интелигенција да ја зголеми профитабилноста. Една четвртина од извршните директори рекоа дека растот на вештачката интелигенција ќе ги намали работните места во 2024 година.
Технолошките компании веќе ги започнаа отпуштањата. Од мај 2023 година се укинаа вкупно 4.600 работни места во САД поради вештачката интелигенција.
Германскиот софтверски гигант САП неодамна објави промени кои влијаат на 8.000 работни места бидејќи компанијата се стреми кон поголема автоматизација на задачите и ефикасна вештачка интелигенција.
И логистичката компанија УПС планира да елиминира 12.000 работни места бидејќи вештачката интелигенција може да го замени одделот за наплата на клиенти.
Грамарли, компанија што го има најдобриот софтвер за граматичка поправка на текстови, отпушта 230 од своите 1.000 вработени бидејќи се прилагодува на новото време во кое нема толкава потреба од граматичари.
И Амазон, Алфабет и Снепчат намалуваат стотици работни места, но не поради автоматизација, туку бидејќи нивните лидери ги прераспределуваат ресурсите кон ветувачка технологија за вештачка интелигенција. ()