Банкарство 31.10.2024 13:46

Вицегувернерката Нацевска: Со Единствениот регистар на сметки ќе изградиме поефикасен платен систем во земјава

Вицегувернерката Нацевска: Со Единствениот регистар на сметки ќе изградиме поефикасен платен систем во земјава

„Со очекуваното воспоставување на Единствениот регистар на сметки, пропишан со Законот за платежни услуги и платни системи, покрај тоа што ќе се исполни едно од главните барања од Петтата директива на Европската Унија за борба против перење пари и финансирање на тероризмот, се преземаат и важни чекори за натамошниот развој на платниот систем на земјата и негова интеграција во платежната инфраструктура на Европската Унија. Воспоставувањето на овој регистар е значајно за приклучувањето во Единствената област за плаќања во евра ‒ СЕПА и за обезбедувањето на потребната регулативна и функционална еквивалентност, есенцијална за нашата позиција во европскиот економски простор“. Ова го порача вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во своето обраќање по повод одбележувањето на деновите на Централниот регистар, на кое присуствуваа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова.

Вицегувернерката истакна дека Народната банка, преку користење на податоците од овој регистар, ќе може да го подобри извршувањето на супервизорските задачи, како и да ги зголеми сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем на земјата, а сето тоа во прилог на стабилноста на финансискиот систем на државата.

„Единствениот регистар на сметки ја овозможува правовременоста и достапноста на информациите до сите релевантни институции и засегнати страни. Овој регистар претставува важна основа за ефикасноста на плаќањата, за подобра финансиска контрола и спречување нелегални активности, но и за поголема ефикасност на процесите за присилната наплата, според најдобрите европски практики. Сето тоа, исто така, ќе овозможи и подобра заштита на правата на граѓаните и на деловните субјекти, овозможувајќи директен и транспарентен пристап до информациите за сметките“, нагласи Нацевска, при што додаде дека со оваа платформа, којашто е компатибилна со европските стандарди, не само што се зајакнува финансискиот систем, туу се создава и цврста основа за идната интеграција на нашата економија во европските пазари.

Вицегувернерката Емилија Нацевска рече дека регулаторните реформи направени во изминатиот период преку донесување нови закони и подзаконски акти во платежната сфера и во сферата на спречувањето перење пари и финансирањето тероризам, не само што ја приближуваат нашата земја кон стандардите на ЕУ, туку и создаваат услови за унапредување на конкуренцијата, поттикнување иновации и забрзана дигитализација.

Најнови вести