Актуелно 15.12.2023 09:35

Влада: Пренамена на две милијарди денари за 66 проекти за проекти по општините

Влада: Пренамена на две милијарди денари за 66 проекти за проекти по општините

Владата на Македонија на денешната седница донесе одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари коишто ќе бидат насочени за реализација на 66 проекти во најголем дел општини низ целата држава, меѓу кои Град Скопје, Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други, соопштуваат од владината прес-служба.

Предвидено е овие средства да бидат наменети за реализација на проекти со коишто ќе им се излезе во пресрет на граѓаните како изградба и доградба на образовни и здравствени институции, спортски објекти, инфраструктурата, како и проекти од областа на заштитата на животната средина.

„Од проектите во делот на патната инфраструктура, вкупно 360 милиони денари од Министерството за транспорт и врски ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар Хасан Приштина во населбата Визбегово. Меѓу поголемите проекти, Министерството за транспорт и врски ќе пренамени 110 милиони денари за реконструкција на улица 8 Септември во Горно Оризари, Битола. Средства ќе бидат наменети и за довршување на мостот „Љубљанска“ во Скопје. Министерството за образование и наука пренаменува 100 милиони денари за доградба и надградба на ООУ Блаже Конески во општината Аеродром, а со средства од ова министерство планирана е изградба на ОУ Климент Охридски во село Драчево и изградба на ново основно училиште Крсте Мисирков во Сингелиќ, Општина Гази Баба“, се појаснува во соопштението.

Со средства од Министерството за образование и наука, како што е наведено во соопштението, ќе се гради спортска сала во ОУ Ванчо Николески во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ Кочо Рацин во Охрид. Со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 60 милиони денари ќе се гради нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамки на ЈОУДГ Росица во Стопански двор во Општина Ѓорче Петров. Предвидени се и доградби и надградби и на детски градинки во Општина Аеродром. Во Прилеп, со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање во износ од 90 милиони денари, ќе се гради фабрика за рециклирање отпад.

„Од областа на животната средина, предвидена е изградба на пречистителни станици во Чучер Сандево и во Пласница. Во Општина Илинден ќе се реконструира тамошната амбуланта, за што се предвидени осум милиони денари кои Министерството за здравство ќе ги издвои за оваа намена“, се наведува во соопштението.

Со владината Одлука предвидена е и изградба на спортска сала во Општина Штип со средства од Агенцијата за млади и спорт. ()